Геолошки сили го замрзнале Антарктикот милиони години пред северот

Тектонското издигнување на копното над два километри надморска височина овозможило создавање на мразот уште додека планетата била потопла за пет степени

Меѓународен научен тим откри зошто Антарктикот замрзнал десетици милиони години пред Арктикот. Студијата објавена во списанието „Science“ покажува дека бавните тектонски бранови во внатрешноста на Земјата постепено го издигнале Источен Антарктик, со што овозможиле задржување на снегот и мразот пред околу 34 милиони години, во период кога глобалната клима била за пет степени Целзиусови потопла од денешната.

Истражувањето, предводено од Универзитетот во Саутемптон во соработка со институти од Германија, Холандија и Италија, користело компјутерски модели за реконструкција на копното во период од 100 милиони години. Процесот започнал по раздвојувањето на Антарктикот и Африка во периодот јура, пред 201 до 143 милиони години.

Движењето на таканаречените бранови во Земјината обвивка постепено ја туркало површината нагоре. Со овие движења се издигнале крајбрежни карпи и внатрешната планинска верига Гамбурцев, која денес лежи закопана под ледена покривка дебела меѓу еден и три километри.

Пред 50 милиони години најголемиот дел од планините Гамбурцев биле под 1.500 метри надморска височина. До пред 34 милиони години, речиси половина од планинскиот масив достигнал висина над 2.000 метри. На таа надморска височина температурите на воздухот биле доволно ниски за снегот да опстане и во летниот период.

Научниците посочуваат дека падот на јаглерод диоксидот во атмосферата не може сам да ја објасни временската разлика меѓу половите. Ледената покривка на Антарктикот настанала пред 34 милиони години, додека големите ледени површини на северната хемисфера се формирале дури во последните пет милиони години.

„Доколку падот на нивото на јаглерод диоксид делуваше изолирано, половите ќе реагираа симетрично. Антарктикот доби предност бидејќи геолошките процеси го издигнаа копното на поголема надморска височина“, вели Томас Гернон, професор по геонауки на Универзитетот во Саутемптон и главен автор на трудот.

Копнените површини на Арктикот во тој период останале на пониска надморска височина, поради што таму не постоеле услови за рано создавање постојани ледници.

Ширењето на мразот активирало дополнителни климатски процеси. Белата површина на ледниците рефлектирала повеќе сончева светлина назад во вселената, што ја намалило глобалната температура за дополнителен еден степен Целзиусов.

Истовремено, поладниот воздух задржувал помалку водена пареа. Со сушењето на атмосферата ослабнал ефектот на задржување на топлината, овозможувајќи ледот од планините да се спушти сè до крајбрежјето. Источноантарктичкиот леден штит денес претставува најголема маса на мраз на Земјата, со волумен кој би го подигнал глобалното морско ниво за околу 52 метри доколку целосно се стопи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс