Поплавени улици и тротоари, поплавени зелени површини, смет кој плива во вода. Ваква е сликата цела седмица во скопската населба Карпош 4 на улицата „Никола Парапунов“, каде што се случил дефект со водоводните цевки. Среде улица „извира“ вода со денови, а местото е заградено и обележано за да внимаваат возачите кога минуваат низ овој дел од улицата. За да ја спречат водата да се излева по улицата, поставена е голема железна плоча, но тоа не помага. Станува збор за довод на вода, односно вода за пиење.
Иако дефектот очигледно е голем, досега ниту една екипа од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ не излезе на терен за да го санира проблемот, ниту пак ја извести јавноста кога планира да го стори тоа.

Колкав е дефектот и кога истиот би бил саниран, засега нема официјален одговор ниту од „Водовод и канализација“, ниту од град Скопје.
Инаку, загубите на вода за пиење во скопскиот водоводен систем изнесуваат 60 проценти. Во овие загуби на вода се вбројуваат истечената вода од пукнати цевки и дотраеност на инфраструктурата, но и целото количество произведена, а нефактурирана вода за пиење што се користи за полевање на јавни површини, фонтани и јавни тоалети во Скопје. Тука се пресметуваат, секако, и дивите приклучоци, но и грешките во водомерите и пресметувањето на податоците.