Колку вреди еден живот на скопските улици

Секоја нова жртва на скопските коловози доаѓа со истата реченица: „несреќен случај“. Неколку часа медиумска врева, неколку изјави од институции, и потоа тишина. Улиците остануваат исти. Градот продолжува како ништо да не се случило.

Повеќето возат побавно откако дојде Safe City — освен оние што продолжуваат да убиваат.

Овој текст не е уште една вест, жртвите на скопските коловози не се уште една вест. Тоа е список на животи што исчезнале затоа што овој град одлучил дека автомобилите се поважни од луѓето. Пешаците, велосипедистите, моторџиите – сите што не се заштитени со лим – се најранливите фигури во урбана игра што никогаш не била фер.

Ова не е нова приказна.

Во еден постар текст на Трн, со наслов „Цената на неказнивоста“, го напишавме она што денес повторно се потврдува:

„Сообраќајните несреќи во Македонија одамна престанаа да бидат изолирани трагедии. Тие се резултат на систем во кој прекршувањето на правилата ретко се казнува, а човечкиот живот станува колатерална штета.“

Тоа не е публицистичка фигура. Тоа е дијагноза. Во Скопје може да се вози пребрзо, да се поминува на црвено, да се паркира на тротоар, да се гази пешачки премин – и најчесто да не се случи ништо. Не затоа што не е опасно, туку затоа што системот не реагира.

„Кога казните се симболични, контролите ретки, а судските постапки бавни и неефикасни, пораката што ја добиваат возачите е јасна: ризикот да бидеш казнет е помал од ризикот што го создаваш за другите.“

Тоа е логиката што ја читаат сите возачи на улица. Таа логика не е вградена во асфалтот, туку во институциите. Во тоа што полицијата не контролира. Во тоа што казните не болат. Во тоа што судовите не испраќаат порака дека животот има тежина.

Затоа жртвите не се „случајни“. Тие се предвидливи.

Не станува збор само за тоа кој бил удрен, каде и како. Станува збор за град што системски создава опасност. За улици што се дизајнирани да бидат брзи, а не безбедни. За тротоари што исчезнуваат под автомобили. За пешачки премини што постојат повеќе на хартија отколку во реалноста.

„Во земја каде што смртта на патиштата станува статистика, а не аларм, најголемата трагедија е токму губењето на чувството дека ова не смее да биде нормално.“

Ова што се случува во Скопје не смее да биде нормално. Не е нормално град да губи луѓе затоа што никој не сака да ја налути автомобилската култура. Не е нормално пешак да има помалку права од паркирано возило. Не е нормално институциите да реагираат само кога веќе е доцна.Ова нема да престане само од себе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс