Жолт метеоаларм е активиран на територијата на целата земја поради засилен северен ветер со брзина над 60 km/h, кој носи значително постудено време. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, нестабилното и посвежо време ќе се задржи до петок, со повремени врнежи од дожд кои на повисоките планински врвови ќе преминат во снег. Почетокот на викендот носи постепено смирување на ветерот и благ пораст на дневните температури.
Утрово најниска температура од 0,5 степени беше измерена на Попова Шапка, каде минималната во текот на ноќта се спушти под нулата (-0,3°C). Во поголемиот дел од земјата утринските вредности се движеа меѓу 3 и 10 степени, при што најтопло беше во Гевгелија со измерени 13 степени.
Во текот на денешниот ден времето останува променливо облачно и постудено. Ветерот од северен правец на повеќе места ќе надминува брзина од 60 km/h. Во Скопската Котлина се очекува сличен развој, со умерен до повремено засилен северен ветер.
В четврток се очекува сончево време со мала до умерена облачност, но ветерот од северозападен правец ќе остане изразен, особено долж Повардарието.
Веќе во петок, на 16 октомври, следува ново наоблачување со локални врнежи од дожд. Поради спуштањето на постудена воздушна маса, на повисоките планини дождот ќе премине во снег. Утринските температури во петок ќе се движат од 2 до 8 степени, а дневниот максимум ќе достигне меѓу 11 и 18 степени.
Од сабота се очекува намалување на облачноста и постепено стивнување на воздушното струење. Северозападниот ветер в сабота повремено ќе достигнува брзина до 40 km/h долж Повардарието, но веќе в недела ќе биде слаб до умерен.
Дневните температури за време на викендот ќе бидат во постојан пораст. В сабота ќе достигнат од 12 до 20 степени, додека во недела максималните вредности ќе се искачат до 23 степени.
