Австрија, Чешка и Словачка бараат билатералните спорови меѓу земјите да се решаваат преку директни разговори, без да го блокираат процесот на проширување на Европската унија. Предлогот е содржан во нон-пејпер што трите држави го доставиле во контекст на дискусиите за ограничување на можноста за користење вето во пристапниот процес.
Во документот, билатералните прашања се посочени како една од пречките што го забавуваат напредокот на земјите кандидати кон членство во Унијата. Како примери се наведуваат Хрватска и Црна Гора, а во поширокиот контекст на проблемот се споменуваат и Македонија и Бугарија.
Трите држави предлагаат споровите да се решаваат преку директен дијалог меѓу засегнатите земји, наместо да стануваат пречка во пристапните преговори. Истовремено, тие поддржуваат кандидатите постепено да се вклучуваат во одредени политики на ЕУ и пред формалното членство.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос признава дека меѓу земјите членки постојат различни ставови за предлозите што треба да го направат процесот поефикасен. Дел од државите сакаат подетално да се разгледаат заштитните механизми, додека други инсистираат одлучувањето да продолжи да се заснова на едногласност.
„Од една страна се земјите кандидати, кои сега гледаат дека не им го одземаме правото на вето. Единственото нешто што го предлагаме е на доброволна основа да дадат некаква декларација дека нема да внесуваат билатерални прашања во процесот на проширување“, посочува Кос, објаснувајќи ги различните позиции во разговорите.
Според неа, меѓу земјите членки исто така нема единствен став: некои сакаат подетално да се разгледаат заштитните механизми, додека други се залагаат целосно да се задржи принципот на едногласност.
„Повеќе Европа пред членство“
Кос нагласува дека проширувањето мора да продолжи да се заснова на заслугите на секоја земја кандидат, но и дека пристапниот процес бара време. Затоа, според неа, потребно е кандидатите постепено да се интегрираат во европските политики и да добијат поголема можност за соработка со Унијата и пред формалното зачленување.
„Се држиме до принципот заснован на заслуги, што е неопходно. Од друга страна, ова одзема време. Затоа мораме да воведеме, а веќе и воведуваме, зголемена постепена интеграција. Јас ова го нарекувам ‘повеќе Европа пред членство’“, вели еврокомесарката.
Таа додава дека актуелните геополитички околности бараат поголема решителност и пофлексибилно носење одлуки, како од страна на Унијата, така и од страна на земјите кандидати. Соработката, според Кос, е особено важна во услови на хибридни напади, ширење дезинформации и пошироки безбедносни предизвици.
Дебатата за билатералните спорови и ветото останува важна за иднината на проширувањето, особено за земјите што со години се соочуваат со политички пречки на патот кон ЕУ. За Македонија, прашањето е особено значајно поради спорот со Бугарија, кој влијае врз нејзиниот пристапен процес.
