Најмалку четири лица загинаа, а 20 се повредени во израелските воздушни напади врз подрачјето на Набатије во јужен Либан, објави либанската државна новинска агенција ННА. Во нападите е уништена и поранешната болница „Гандур“, објект кој, според достапните информации, со години не бил во функција.
Нападите предизвикале значителна материјална штета во повеќе делови на Набатије, а повредени има и на погодените локации.
Погодена историска зграда во Набатије
Силен воздушен удар бил извршен и во градот Набатије, каде што била погодена историска зграда во сопственост на братот на пратеникот Насер Џабер. Објектот во минатото бил ресторан, но по нападот бил целосно уништен.
Штетата се проширила и на околните објекти. Погодени биле зградите на регионалното одделение за финансии и одделението за земјоделство. Оштетени се канцеларии, прозорци и врати, а документи и службени списи биле расфрлани низ просториите. Оштетени се и десетици продавници и кафулиња во околината.
Израел: Хезболах нападнал со два дрона
Израелската војска претходно соопшти дека припадници на Хезболах употребиле два дрона во напад врз израелските војници во јужен Либан. Според Израелските одбранбени сили (ИДФ), еден од дроновите бил соборен и немало повредени израелски војници.
ИДФ оцени дека нападот претставува сериозно прекршување на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан и соопшти дека токму поради тоа биле извршени воздушни напади врз цели во јужен Либан.
Израелски медиуми: Болницата наводно ја користел Хезболах
Израелскиот портал „Ynet“, повикувајќи се на безбедносни извори, објави дека болницата во Набатије не се користела за медицински цели и дека Хезболах наводно ја користел како база. Овие тврдења засега не можат независно да бидат потврдени.
Засега нема дополнителни информации за точниот број на погодени објекти и обемот на штетата, а состојбата на теренот и натаму се следи.