Црна Гора се приближува до ЕУ, денеска се очекува затворање уште две поглавја

Црна Гора се очекува да стигне до 20 затворени поглавја од вкупно 33 во преговорите за членство во ЕУ.

Црна Гора денеска се очекува да направи нов чекор кон членството во Европската Унија со привремено затворање на уште две преговарачки поглавја. Според официјалната најава на Советот на ЕУ, на пристапната конференција во Луксембург ќе се разгледуваат поглавјето 18 – Статистика и поглавјето 19 – Социјална политика и вработување.

Конференцијата е закажана за 17:30 часот. Затворањето на поглавјата засега е најавено, а конечната одлука треба да биде потврдена на состанокот.

Црна Гора ги има отворено сите 33 преговарачки поглавја. На претходната пристапна конференција, одржана на 14 јули, привремено ги затвори поглавјата за политика на конкуренција и за царинска унија, со што бројот на затворени поглавја достигна 18. Ако денеска бидат потврдени двете најавени одлуки, бројката ќе се зголеми на 20.

Привременото затворање значи напредок во преговорите, но договорите за поединечните поглавја не се сметаат за конечни додека не биде постигнат целосен договор за сите поглавја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс