Црна Гора и Сан Марино останаа единствените две од вкупно 55 земји-членки на УЕФА што никогаш немале свој клуб во групна или лигашка фаза од европските натпреварувања. Андора се симна од оваа негативна листа откако шампионот Интер Ескалдес ја елиминираше косовска Дрита и обезбеди историско учество во лигашкиот сегмент од Конференциската лига.
Првакот на Андора во првиот натпревар во Приштина одигра 2:2, а во реваншот мрежите мируваа и по дополнителните 120 минути игра. Интер Ескалдес славеше со 4:2 при изведувањето на пеналите, што претставува најголем успех во историјата на фудбалот во оваа мала пиринејска држава.
Претходно, Малта го направи истиот чекор преку екипата на Хамрун Спартанс. По подвигот на Интер, на дното на европскиот клупски фудбал останаа осамени само претставниците на Подгорица и Сан Марино.
Успехот на Андорците е уште поболна лекција за црногорскиот спорт затоа што клуб од истата земја претходно летово веќе го елиминираше нивниот претставник Морнар со две победи од по 2:1.
Македонија одамна го надмина ова ниво. Првиот историски пробив во групната фаза го направи Вардар во сезоната 2017/18 во Лигата на Европа, а минатата сезона и Шкендија настапуваше во главната фаза од Конференциската лига.
Во овогодинешните европски квалификации, актуелниот шампион Вардар по драматични продолженија беше сопрен од фински КуПС во првото коло од Лигата на шампионите. Шкендија стигна до третото квалификациско коло во Конференциската лига каде што беше елиминирана од шкотски Хибернијан, додека Силекс на стартот по изведување пенали загуби од Динамо Минск.