Последниот пример доаѓа од Куманово, каде што депонијата „Краста“ деновиве стана причина за еколошка криза, прекин на собирањето на сметот и незадоволство кај локалното население.
Европската директива за депонии поставува јасна цел: до 2035 година земјите членки треба да го намалат депонирањето на комуналниот отпад на најмногу 10 проценти од вкупно создаденото количество. Од 2030 година се предвидуваат и ограничувања за депонирање отпад што може да се рециклира или на друг начин корисно да се искористи.
Тоа значи постепено напуштање на моделот во кој најголемиот дел од отпадот завршува на една локација, без претходна селекција и со ризик од загадување на почвата, водата и воздухот.
Во Македонија, меѓутоа, прашањето сè уште често не е колку отпад ќе се рециклира, туку каде ќе се истури ѓубрето кога ќе се затвори или блокира депонијата.
„Краста“ – кога депонијата станува проблем за цел град
Жителите на кумановските села Пчиња и Студена Бара ја прекинаа блокадата на депонијата „Краста“ на 12 октомври, откако пожарот беше изгаснат, а дел од отпадот беше затрупан со земја. Со договорот е овозможено повторно депонирање на комуналниот отпад од Куманово.
Но, на ова му претходеа денови исполнети со пожари на депонијата, страв од загадување и проблеми со редовното собирање на сметот во градот.
Ситуацијата стана толку сериозна што кумановските власти најавија привремено пренасочување на отпадот кон скопската депонија „Дрисла“. Наместо трајно решение, градот мораше да бара итен излез за да не се натрупуваат дополнителни количества ѓубре.
Според информациите на Општина Куманово, активностите за санација ќе продолжат, а се планираат дополнителен надзор, физичко обезбедување и мерки за спречување нови пожари.
Предвидено е и вклучување на претставници од локалното население во следењето на состојбата на депонијата.
Затрупувањето на отпадот не е трајно решение
Пожарот може да се изгасне, а сметот да се покрие со земја, но тоа не значи дека е решен проблемот со депонијата.
Несоодветното управување со отпадот носи ризици од загадување на почвата и подземните води, емисии на стакленички гасови и пожари, особено кога нема соодветна инфраструктура за контрола на депонискиот гас, исцедните води и видовите отпад што се прифаќаат.
Европските правила затоа не се ограничуваат само на тоа каде ќе се одложи отпадот. Тие предвидуваат контрола на неговото прифаќање, технички стандарди за депониите, дозволи за работа, мониторинг и обврски за заштита на животната средина и по нивното затворање.
Токму тука се гледа разликата меѓу современото управување со отпад и постојаното справување со последиците од лошото депонирање.
Европската комисија со години предупредува
Проблемот со „Краста“ не е изолиран случај. Во извештајот за Македонија за 2025 година, Европската комисија оцени дека спроведувањето на политиките за управување со отпад останува сериозен предизвик.
Регионалните системи за управување со отпад не функционираат како што е предвидено, комуналните претпријатија се соочуваат со неефикасност, а воспоставувањето современа регионална инфраструктура постојано доцни.
Комисијата особено го посочи недостигот од конкретен напредок во североисточниот и источниот регион, и покрај обезбедената финансиска поддршка.
Според Европската агенција за животна средина, количината на создаден комунален отпад во Македонија пораснала за 21,6 проценти во периодот од 2010 до 2023 година.
Во исто време, депонирањето останува доминантен начин за справување со отпадот, додека капацитетите за рециклирање и компостирање се ограничени.
Кој ќе го реши проблемот кога ќе се изгасне пожарот?
Општина Куманово најавува дека ќе продолжи со постапките за санација и затворање на „Краста“, како и за изградба на претоварна станица за комунален отпад. За реализацијата се бара забрзување на процедурите на државно ниво.
Но, случајот покажува колку лесно еден локален еколошки проблем може да прерасне во комунална криза за цел град.
Жителите околу депонијата бараат заштита од загадувањето, градот мора редовно да го собира отпадот, а надлежните институции треба да обезбедат систем што нема постојано да ги спротивставува овие две потреби.
Европската цел за 2035 година не е само бројка запишана во директива. Таа претставува поинаков пристап кон отпадот – од неговото создавање и селекција, до рециклирањето и безбедното депонирање на она што навистина не може да се искористи.
За Македонија предизвикот е поголем. Пред воопшто да се приближи до таквите стандарди, треба да изгради функционален систем во кој депониите нема да бидат постојани извори на пожари, загадување и конфликти со локалното население.
Блокадата на „Краста“ е прекината, но причините поради кои жителите излегоа на протест не исчезнуваат со повторното отворање на депонијата.