Дом или недостижен луксуз? – Цените на становите станаа политичка битка во Шпанија, дали Македонија е следна?

Шпанците протестираат поради кирии што речиси се удвоија за една деценија. Во Скопје, просечната огласна цена на квадрат порасна за 29 отсто за една година.

Протести во повеќе од 50 шпански градови, отфрлени законски мерки во парламентот и влада под притисок пред изборите во 2027 година. Цените на становите и кириите во Шпанија станаа централно политичко прашање. Во Скопје, пак, според огласите, просечната цена на квадрат во август достигнала 2.153 евра, што значи дека стан од 60 квадратни метри чини околу 129.000 евра ,сума што одговара на речиси 15 години просечни нето-плати.

Иселувањето на 87-годишна жена ја разбранува Шпанија

Повод за последниот бран протести беше иселувањето на 87-годишната Марикармен Абаскал од станот во Мадрид, во кој живеела околу седум децении. Зградата ја купила инвестициска компанија која, според активистите за правата на закупците, сакала да ѝ ја зголеми киријата за 275 отсто. По реакциите во јавноста, новиот сопственик ѝ дозволил да се врати во станот со ниска кирија.

На 2 октомври шпанскиот парламент отфрлил две владини мерки за подобра заштита на закупците. Следниот ден, синдикатот на закупци повикал на протести во повеќе од 50 градови.

Кириите во Шпанија речиси се удвоија за десет години

Според порталот за недвижности „Идеалиста“, просечните кирии во Шпанија речиси се удвоиле во последната деценија, додека огласените цени за купување станови пораснале за околу 90 отсто. Шпанската влада наведува дека 26 отсто од закупците трошат повеќе од 40 отсто од приходите на кирија и комунални услуги, наспроти просекот од 18 отсто во Европската Унија.

Шпанската централна банка проценила дека во периодот од 2021 до 2025 година недостигале околу 700.000 домови, бидејќи бројот на нови домаќинства растел побрзо од изградбата на нови станови. Притисокот врз пазарот го зголемуваат и краткорочните туристички изнајмувања, во земја што минатата година пречекала рекордни 97 милиони странски туристи.

„Мерките за домување, иако некои одат во вистинска насока, напредуваат со брзина на полжав, додека кризата се продлабочува“, изјавил во мај Унаи Сордо, генерален секретар на синдикатот ККОО, пред маршот во Мадрид, на кој, според проценките на властите, учествувале 23.000 луѓе.

Во април 2026 година, шпанската влада усвоила план вреден седум милијарди евра за јавни станови во следните четири години, како и помош за младите закупци и купувачи. Сепак, посебниот декрет за продолжување на привременото замрзнување на кириите не добил поддршка во парламентот. Според агенцијата „Асошиејтед прес“, станбената криза е едно од клучните политички прашања со кои се соочува премиерот Педро Санчез пред изборите во 2027 година.

Скопје: цените растат дури и кога продажбата опаѓа

Според податоците на Банката за меѓународни порамнувања, цените на становите во Скопје во третиот квартал од 2025 година биле за 25 отсто повисоки отколку во истиот период претходната година. Индексот на цените, со базна 2010 година, достигнал 192,8 поени, што укажува дека цените речиси се удвоиле за 15 години.

Огласите го потврдуваат трендот на раст. Просечната огласна цена на становите во Скопје на крајот на август 2026 година изнесувала 2.153 евра за квадратен метар, наспроти околу 1.670 евра една година претходно. Во меѓувреме, нов стан во центарот на градот бил продаден по цена од 3.360 евра за квадратен метар. Продажбата на станови во првиот квартал се намалила за повеќе од 26 отсто, но цените продолжиле да растат.

Стан од 60 квадрати чини речиси 15 години просечни плати

Просечната нето-плата во 2025 година, според Државниот завод за статистика, изнесувала 45.566 денари, односно околу 739 евра. Со таква плата, за да се купи стан од 129.000 евра би биле потребни околу 175 месечни плати, речиси 15 години, под услов целата заработка да се штеди и да не се трошат пари за храна, сметки и други животни потреби.

Не е изненадување што, според податоците на Евростат, пренесени од Европската комисија, 42,6 отсто од младите на возраст од 18 до 34 години во Северна Македонија живеат со родителите. Овој удел е речиси непроменет од 2011 година.

Во Македонија нема протести од шпански размери

Во Македонија домувањето сè уште не е политичка тема од размерите на шпанската криза. Во 2025 година, група пратеници од Левица поднеле предлог-закон за државна поддршка при купување прв дом за младите, преку државни гаранции за станбени кредити. Во меѓувреме, Скопје привлекува интерес и од странски инвеститори, а медиумите објавија дека дански инвестициски фонд купил 40 станови во градот.

Шпанското искуство покажува дека кога трошоците за домување растат побрзо од приходите, проблемот престанува да биде само лична грижа и станува прашање на јавни политики. За младите и семејствата, домот не е само инвестиција, туку предуслов за самостоен живот. Прашањето е дали Македонија ќе почне навреме да бара одржливи решенија или пристапното домување ќе стане уште поголем социјален и политички проблем.

И додекаво Европа, домувањето сè почесто станува политичка битка, а пристапот до пристоен и достапен дом е едно од клучните социјални прашања. Додека во Шпанија граѓаните излегуваат на улиците поради високите кирии и недостапните станови, во Скопје цените на квадратот продолжуваат да растат побрзо од можностите на многу граѓани да си дозволат сопствен дом. Прашањето е кога и кај нас домувањето ќе стане вистински приоритет на јавните политики, наместо товар што секој треба да го решава сам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс