Организацијата Еко-свест побара министерот за животна средина итно да ја достави потребната документација за грант со кој треба да започне санацијата на депонијата со опасен шествалентен хром во Јегуновце. Оттаму предупредуваат дека рокот за аплицирање е краток и дека со одолговлекувањето директно се загрозува заштитата на скопскиот извор за вода Рашче.
По актуелизирањето на опасноста од токсичната депонија на некогашен Југохром, Владата најави мерки за спречување на загадувањето. Во моментов постои меѓународен донатор подготвен преку грант целосно да го финансира првиот оперативен чекор. Средствата се наменети за санирање на постојната пречистителна станица и подготвителни активности на терен. За парите да станат достапни, ресорниот министер мора формално да ги испрати бараните документи до донаторот.
Од граѓанската организација нагласуваат дека простор за чекање нема. Времето за аплицирање истекува брзо, а без административен одговор помошта пропаѓа.
„Еко-свест бара Министерот за животна средина итно да ги достави потребните документи за да не се испушти можноста за финансирање на овој проект. Ова е прв чекор кон трајно решавање на проблемот“, порачуваат од организацијата.
Доколку рокот пропадне, финансиската помош ќе биде повлечена, а десетици илјади тони токсичен отпад ќе продолжат да му се закануваат на водоснабдувањето на главниот град.
