Европа влегува во последните месеци пред зимата со најниско ниво на резерви на гас во последните 13 години. Складиштата во Европската Унија кон крајот на август се полни околу 63 отсто, додека просекот за овој период од годината изнесува околу 80 отсто.
Доколку полнењето продолжи со сегашното темпо, резервите пред грејната сезона би можеле да останат околу 20 отсто под петгодишниот просек. Најниски нивоа се забележани во Германија, Белгија и Холандија.
Цената е повеќе од двојно повисока
Загриженоста околу снабдувањето веќе ја зголеми референтната европска цена на гасот над 68 евра за мегават-час. Тоа е повеќе од двојно зголемување во споредба со почетокот на годината.
Аналитичарите предупредуваат дека цената би можела да надмине и 100 евра за мегават-час доколку Европа биде принудена да понуди повеќе пари за да привлече доволно танкери со течен природен гас од светскиот пазар.
Новиот раст на големопродажните цени постепено ќе стигне и до домаќинствата преку повисоки сметки за гас и електрична енергија. Брзината на поскапувањето ќе зависи од националните правила, договорите со снабдувачите и начинот на кој се регулираат цените во секоја држава.
Студената зима ги испразни складиштата
Ниските резерви се последица на поголемата потрошувачка за време на студената претходна зима, високата летна побарувачка за електрична енергија и нарушените испораки на течен природен гас од Персискиот Залив.
Европа во меѓувреме ја намали потрошувачката, изгради нови терминали за течен природен гас и го зголеми производството од обновливи извори. Сепак, по ограничувањето на рускиот гас, континентот стана значително позависен од глобалниот пазар на течен природен гас, каде за истите количества се натпреварува со азиските економии.
Експертите засега не очекуваат физички недостиг на гас во Европа. Најголемиот ризик остануваат високите и нестабилни цени, особено доколку претстојната зима биде студена или продолжат нарушувањата во глобалното снабдување.