Овој популарен мит со години се пренесува во фитнес-центрите и на социјалните мрежи. Но експертите објаснуваат дека такво нешто биолошки не е возможно. Она што навистина се случува со телото по прекинот на физичката активност е малку посложено.
По неколку месеци редовно вежбање, телото станува посилно, мускулите се поизразени, а физичката кондиција се подобрува. Но што се случува ако поради работа, обврски, повреда или едноставно недостиг од мотивација престанеме да тренираме?
Едно од најчестите верувања е дека мускулното ткиво постепено се претвора во масно.
Професорот Ли Брин, експерт за физиологија на мускулите од Универзитетот во Лестер, за „Гардијан“ објаснува дека ова е мит.
Мускулите и мастите се два различни вида ткиво и во човечкиот организам не постои биолошки механизам кој овозможува едното директно да се претвори во другото.
Кога ќе престанеме да вежбаме, особено ако претходно сме тренирале со тегови, мускулите постепено можат да почнат да ја губат својата маса.
Овој процес е познат како мускулна атрофија и е поврзан со намаленото оптоварување на мускулите.
Истовремено, ако продолжиме да внесуваме исто количество храна, а трошиме помалку енергија, може да дојде до зголемување на масното ткиво. Комбинацијата од намалена мускулна маса и зголемени телесни масти создава впечаток дека мускулите се претвориле во масти. Но всушност се случуваат два одделни процеса.
Колку брзо се губи физичката форма?
Промените зависат од возраста, претходната физичка активност, исхраната, здравствената состојба и времетраењето на паузата.
Краток одмор од неколку дена, па дури и една или две недели, обично не значи дека целиот труд е изгубен. Напротив, одморот е важен дел од закрепнувањето на мускулите.
Но подолга неактивност може да доведе до постепено намалување на силата, издржливоста и мускулната маса. Промените не се исти кај сите луѓе. Лицата што и за време на паузата остануваат физички активни, пешачат или се движат во текот на денот можат подобро да ја зачуваат својата форма.
Како да ја задржите формата без редовно одење во теретана? Експертите советуваат физичката активност да не се гледа како избор меѓу интензивен тренинг и целосно мирување. Пешачењето, возењето велосипед, домашните вежби и секојдневното движење можат да помогнат во зачувувањето на здравјето и физичката кондиција.
Важен е и доволниот внес на протеини, особено кај лицата што сакаат да ја зачуваат мускулната маса.
Ако физичката активност значително се намали, потребно е да се внимава и на вкупниот внес на калории, затоа што потребите на организмот можат да се променат.
Но најважно е да не се создава чувство на вина поради кратка пауза.
Телото не ја губи формата преку ноќ, а редовното движење на долг рок е многу поважно од неколку пропуштени тренинзи. Мускулите никогаш не се претвораат во масти. Но кога престануваме да се движиме, може истовремено да изгубиме мускулна маса и да наталожиме повеќе масти. Затоа најдобриот начин да ја зачуваме формата е физичката активност да биде одржлива навика, а не краткотрајна обврска