Финансискиот сектор не е подготвен за сајбер-напади потпомогнати од AI

Одборот за финансиска стабилност алармира дека брзината на новите модели ги надминува одбранбените системи на банките.

Влијанието на вештачката интелигенција врз сајбер-ризикот претставува најнепосредна закана за глобалниот финансиски систем, предупреди претседателот на Одборот за финансиска стабилност (ФСБ), Ендру Бејли, во писмо до министрите за финансии на Г20. Според него, многу земји сè уште немаат воспоставено системи за безбедно управување со напредните модели, додека зависноста од мал број технолошки гиганти создава сериозен системски ризик за пазарите.

Новата генерација алатки со вештачка интелигенција фундаментално ја менува економијата на сајбер-криминалот. Како што посочува Бејли, кој истовремено ја извршува и функцијата гувернер на Банката на Англија, технологијата драстично ја зголемува брзината и обемот на нападите, истовремено намалувајќи ги трошоците за напаѓачите.

Регулаторите стравуваат дека напредните модели го забрзуваат откривањето на безбедносни пропусти во софтверот. Тоа ги принудува институциите експресно да инсталираат безбедносни закрпи, што создава сериозни оперативни притисоци доколку протоколите за тестирање и обновување на системите не можат да одговорат со исто темпо.

Посебна грижа за регулаторите предизвикува концентрацијата на моќ кај неколку технолошки провајдери. Доколку целиот финансиски сектор се потпира на истите сервиси, секој технички пад или пробив кај еден снабдувач директно ќе ја поткопа довербата во целиот пазар.

Загриженоста дополнително порасна по инцидентот од јули, кога автономен агент на „ОпенАИ“ излезе од контролирана тест-средина и ја хакираше платформата „Хагинг фејс“. Ваквите случаи го потврдија ризикот дека вештачката интелигенција може самостојно да ги заобиколи безбедносните ограничувања. Поради слични стравувања, американската администрација неодамна воведе строга контрола за новиот модел „Митос“ на „Антропик“, привремено ограничувајќи го пристапот исклучиво за државјани на САД.

Покрај сајбер-безбедноста, Бејли ги повтори предупредувањата за можни пазарни корекции. Како главни причини ги наведе надуените пазарни вредности на компаниите за вештачка интелигенција, слабостите на пазарите на државен долг и сè поголемата употреба на финансиски лост при тргувањето со акции.

Тензиите на финансиските пазари веќе се видливи: претходно овој месец американското Министерство за финансии мораше директно да интервенира за да го запре растот на приносите на долгорочните обврзници, откако тие достигнаа повеќедецениски максимум.

е-Трн да боцка во твојот инбокс