Германија официјално ја обвини Русија за организирање на неуспешниот напад со дронови врз аеродромот Лајпциг/Хале, извршен на 4 август. Германските безбедносни служби потврдија дека пронајдените експлозивни направи и компоненти директно укажуваат на руски потпис. Како директен одговор на инцидентот, германските власти најавија дипломатски санкции и затворање на руски дипломатски претставништва.
На 4 август на аеродромот во источна Германија беше пронајден дрон опремен со експлозивна направа, лоциран во непосредна близина на паркирани украински карго-авиони. Експлозијата изостанала поради дефект на детонаторот.
Истражителите се сомневаат дека уште едно летало се судрило со товарен авион, додека трет дрон беше лоциран во близина на аеродромот десет дена подоцна. Аеродромот Лајпциг/Хале претставува стратешки логистички центар што го користат Бундесверот и сојузниците од НАТО, а служи и како главна оперативна база за украинската авиокомпанија „Антонов ерлајнс“.
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт изјави дека нападот е дел од добро познатиот образец на руски хибридни операции на европско тло. Тој додаде дека земјата мора да биде подготвена за слични обиди во иднина.
Шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул најави конкретни мерки: затворање на рускиот конзулат во Бон и на Рускиот дом за наука и култура во Берлин. Германија најави и засилени гранични контроли за руски државјани, мерки против руската „флота во сенка“ и покренување иницијатива за нови европски санкции. Рускиот амбасадор во Берлин е повикан на официјален разговор.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен оценија дека доказите за руската вмешаност се јасни и порачаа дека Алијансата и Унијата нема да отстапат од поддршката за Украина.
Поддршка упатија и премиерите на Италија и Полска, Џорџа Мелони и Доналд Туск, како и финскиот претседател Александар Стуб. Москва, од своја страна, преку агенцијата Интерфакс соопшти дека ќе одговори на сите германски потези.