Хрватски „рафал“ пресретна патнички авион по сигнал за киднапирање

Малтешки „боинг“ на линијата од Грција кон Германија имал активиран код 7500. Хрватскиот пилот воспоставил радиоврска и го придружувал до излезот од воздушниот простор.

Хрватски борбен авион „рафал“ денеска, 13 октомври, пресретна малтешки патнички „боинг“ над Кореница, откако леталото било означено како можна закана поради сигнал за киднапирање, соопшти хрватското Министерство за одбрана.

Патничкиот авион летал од Грција кон Германија. Според информациите од командниот центар во Италија, на неговиот транспондер бил поставен кодот 7500, кој означува киднапирање на авион, пренесе Хина.

Пресретнувањето го изврши хрватски „рафал“

Наредбата за полетување ја издал здружениот воздушен оперативен центар на НАТО во Торехон, Шпанија. Задачата на хрватскиот пилот била визуелно да го идентификува патничкото летало.

Пресретнувањето се случило во 11:02 часот над Кореница. Пилотот го идентификувал „боингот“ и воспоставил радиоврска со него.

Во 11:18 часот следувала воздушна патрола на подрачјето меѓу Риека и Делнице, по што патничкиот авион бил испратен од хрватскиот воздушен простор. Во словенечкиот воздушен простор влегол во 11:20 часот.

За време на операцијата, премиерот Андреј Пленковиќ и надлежните министри биле во координација со хрватското воено воздухопловство.


Авионoт бил пресретнат како можна закана, а потоа продолжил кон словенечкиот воздушен простор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс