Колку ќе платите за греење оваа зима?

Пред почетокот на зимата, многу домаќинства се прашуваат како да се греат поевтино. Одговорот не зависи само од цената на струјата или парното, туку и од ефикасноста на уредот со кој се загрева просторот.

Две домаќинства со слични станови и иста посакувана температура во просториите може да добијат значително различни сметки. Разликата често е во ефикасноста на уредот што ја обезбедува топлината. Електричната греалка приближно еден киловат-час електрична енергија го претвора во еден киловат-час топлина. Инвертер-климата, пак, ја пренесува топлината од надворешниот воздух во просторијата и може да испорача повеќе топлинска енергија отколку што троши електрична.

Парно: сметка по квадратен метар и подоцнежно порамнување

Парното овозможува релативно предвидлив месечен трошок. Потрошувачите од август до април добиваат авансни фактури, а разликата меѓу реално испорачаната и прогнозирана топлинска енергија се порамнува преку сметките за мај, јуни и јули. Тоа значи дека студена зима може да резултира со повисока израмнителна сметка во летните месеци.

Сметките за парно годинава се повисоки за 140 денари од 1 август.

Греалка: топлина што може да чини повеќе

Греалките, калориферите и маслените радијатори ја претвораат електричната енергија во топлина со приближен однос еден спрема еден. Греалка со моќност од 2 киловати, ако работи осум часа дневно, троши 16 киловат-часа дневно, односно околу 480 киловат-часа месечно. Вкупниот трошок зависи од тарифата и од тоа во кои тарифни блокови ќе се најде потрошувачката на домаќинството.

Инвертер-клима: иста топлина со помала потрошувачка

Климата не ја создава топлината директно, туку ја пренесува од надворешниот воздух во просторијата. Современите инвертер-клими, при умерени зимски температури, често испорачуваат три до четири киловат-часа топлина за секој потрошен киловат-час електрична енергија. Според оваа поедноставена пресметка, за слична количина топлина како во примерот со греалката би биле потребни околу 120 до 160 киловат-часа електрична енергија месечно. При многу ниски надворешни температури ефикасноста се намалува, но климата обично и понатаму е поефикасна од обичната електрична греалка.

Внимавајте на тарифните блокови

Цената на електричната енергија за домаќинствата е поделена во тарифни блокови. Регулаторната комисија за енергетика ги утврдува цените за првиот, вториот, третиот и четвртиот блок, како и за евтината тарифа. Затоа дополнителното греење со греалка може значително да ја зголеми сметката: уредот троши многу електрична енергија, а зголемената потрошувачка може да го префрли домаќинството во поскап тарифен блок.

Формула за пресметка на потрошувачката

Моќност на уредот (кВ) × часови работа дневно × 30 дена = приближна месечна потрошувачка во киловат-часови.

За груба процена кај клима-уред, потрошувачката на греалката може да се подели со три. Сепак, реалниот резултат зависи од моделот, надворешната температура, изолацијата на просторот и начинот на користење.

Потоа, потрошувачката се множи со цената на киловат-часот што важи за соодветната тарифа и тарифен блок.


Неколку совети за пониска сметка

Ако условите дозволуваат, намалете ја зададената температура за еден степен. Затворајте ги вратите на просториите што не ги користите и проверете ги дихтунзите на прозорците. Користете ја евтината тарифа за уреди како машината за перење и сушење кога тоа е практично. Кај греењето, претходно проверете дали користењето во евтината тарифа навистина ви носи заштеда.

е-Трн да боцка во твојот инбокс