Од 15 ноември е задолжителна зимската опрема: Што мора да има вашиот автомобил?

Од 15 ноември до 15 март, секое возило што учествува во сообраќајот мора да ја има пропишаната зимска опрема. Законот предвидува две опции за патничките автомобили, но тие не нудат исто ниво на безбедност.

Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека од 15 ноември до 15 март, согласно Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, сите возила што учествуваат во јавниот сообраќај мора да ја имаат пропишаната зимска опрема. Со оглед на тоа што снег веќе падна на планините, подготовката на возилото не треба да се остава за последен момент.

Што бара законот за автомобили со најголема дозволена маса до 3.500 килограми?

Возилото треба да има зимски гуми на сите четири тркала, со длабочина на шарата од најмалку 4 милиметри по целиот обем и ширина. Алтернативно, може да има летни гуми на сите четири тркала со длабочина на шарата од најмалку 4 милиметри, но во возилото мора да има синџири за погонските тркала или друго соодветно помагало.

Што важи за возилата со погон на четири тркала?

Потребни се зимски гуми на сите четири тркала, со длабочина на шарата од најмалку 6 милиметри. Како алтернатива, возилото може да има летни гуми со шара длабока најмалку 4 милиметри, но во него мора да има синџири за снег.

Синџирите може да бидат законска опција, но не се секогаш најбезбедното решение

Летните гуми со синџири во багажникот може да ги исполнуваат законските услови, но тоа не значи дека се најбезбедни за зимско возење. Синџирите се поставуваат кога условите го бараат тоа, особено на снег и мраз. На студен и влажен асфалт, летните гуми се стврднуваат и може да имаат подолг пат на сопирање. Зимските гуми се направени од смеса што останува поеластична при ниски температури.

Како да препознаете зимска гума?

На страничниот дел од гумата може да ја има ознаката M+S. Дополнителна потврда за зимски перформанси е симболот на планина со снегулка. Проверете ја и длабочината на шарата со соодветен мерач.

Зошто зимската опрема е важна?

Зимските услови носат лизгави коловози поради снег, мраз и поледица, намалена видливост поради магла или врнежи, подолг пат на сопирање и поголем ризик од губење на контролата при нагли маневри.


Пред да тргнете на пат, проверете:

Дали имате антифриз и зимска течност за миење на шофершајбната. Проверете го кумулаторот, кој почесто откажува при ниски температури. Потоа и светлата и метличките на бришачите и понесете ќебе, лопата и полнач за телефон во возилото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс