Косово го менува законот за Специјалниот суд во Хаг: Дали осудените поранешни лидери на ОВК можат да добијат пократки казни?

Косовското собрание усвои измени со кои се предлага ограничување на казните на најмногу 15 години, можност за отслужување затвор на Косово и претседателско помилување. Но, усвојувањето на законот не значи дека Специјализираните совети автоматски ќе мора да ги применат новите правила.
Демонстрант завиткан во знаме со амблемот на ОВК на собир во Косово, пред големи портрети на поранешни лидери на организацијата.
EPA / ARBEN LLAPASHTICA

Собранието на Косово на 6 октомври ги усвои измените на Законот за Специјализираните совети и Канцеларијата на специјализираниот обвинител, откако на 16 септември четворица поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) беа осудени на вкупно 81 година затвор за воени злосторства. Сепак, гласањето во парламентот не го завршува правниот процес, а остануваат отворени прашањата за уставноста на измените и за тоа дали и како тие би можеле да влијаат врз постапките пред судот во Хаг.

Во рок од осум дена од усвојувањето, законот треба да го потпише и прогласи новоизбраната претседателка на Косово, Јустина Широка Пуља. Доколку тоа не се случи во предвидениот рок, законот се смета за прогласен и се објавува во Службениот гласник.

Фламур Хисени, професор по право на Универзитетот во Приштина, за Радио Слободна Европа изјави дека конечната содржина на измените ќе може прецизно да се оцени дури по нивното објавување. Тој нагласи дека секоја законска промена мора да биде усогласена со членот 162 од Уставот на Косово и со меѓународните обврски на земјата.

Може ли законот да биде оспорен пред Уставниот суд?

Од Косовскиот институт за правда (ИКД) за Радио Слободна Европа посочуваат дека во текот на осумдневниот рок постои можност овластени субјекти да ги оспорат измените пред Уставниот суд. Меѓу нив се најмалку десет пратеници и народниот правобранител, во согласност со уставните процедури.

Истражувачот на институтот, Гзим Шаља, објаснува дека ова е особено важно затоа што измените се однесуваат на надлежностите, казните и постапките на Специјализираните совети, чие функционирање не е регулирано само со обичен закон. Членот 162 од Уставот им дава посебен статус на овие совети, па секоја законска одредба што би била во спротивност со него би можела да се смета за неуставна.

Дали новите правила автоматски ќе важат за судот во Хаг?

Усвоените измени предвидуваат ограничување на мандатот на судот во Хаг, пренесување на предметите што не се во негова надлежност до косовските правосудни институции, како и ограничување на максималната затворска казна на 15 години. Предвидена е и можност осудените лица да ја издржуваат казната на Косово, како и можноста за претседателско помилување.

Сепак, според Хисени, усвојувањето на измените не значи дека тие автоматски ќе се применуваат во судските постапки. Специјализираните совети се дел од правниот систем на Косово, но функционираат врз основа на Уставот и посебниот закон, при што мора да се почитуваат независноста на судството, хиерархијата на правните норми и меѓународните обврски.

Шаља исто така оценува дека, доколку законот биде прогласен и објавен, тој ќе стане дел од правниот поредок на Косово и ќе има за цел да ја промени законската рамка за функционирање на Специјализираните совети. Но, тоа не значи дека судот веднаш ќе мора да ги примени сите нови одредби или дека косовското собрание може еднострано да ги менува постапките што се водат во Хаг.

Работата на судот се темели и на Амандманот 24 на Уставот на Косово, ратификуваниот договор меѓу Косово и Европската Унија, како и договорот со Холандија, земјата домаќин на судот. Според Шаља, ратификуваните меѓународни договори имаат предност пред обичните закони, поради што Косово не може само со домашен закон да ги менува обврските преземени кон Холандија, Европската Унија и механизмот на Специјализираните совети.

Тој додава дека секое пренесување лица, предмети или докази, како и евентуалното издржување казни на Косово, бара конкретни процедури, институционална соработка и усогласеност со релевантните меѓународни договори.

Што ќе се случи со постојните пресуди и судски постапки?

Законот може да произведе правни последици дури по објавувањето во Службениот гласник и стапувањето во сила. Според Хисени, влијанието врз постојните одлуки и постапки ќе може да се процени дури откако ќе биде познат конечниот текст и ќе се испита уставноста на релевантните одредби. До тогаш, секој конкретен заклучок за правните последици би бил преуранет.

Од Косовскиот институт за правда нагласуваат дека стапувањето во сила на законот само по себе не ги поништува пресудите или одлуките на Специјализираните совети. Според Шаља, усвоениот текст предвидува предметите што се во тек пред судијата за претходна постапка, судскиот совет или Апелацискиот совет да продолжат според стариот закон сè до донесувањето пресуда од Апелацискиот совет.

Тоа значи дека предметите што веќе се во жалбена постапка не би биле автоматски прекинати во Хаг, ниту веднаш би биле префрлени на Врховниот суд на Косово. Иако измените предвидуваат непосредна примена на одредени одредби, вклучително и ограничувањето на максималната казна на 15 години, можноста за отслужување казна на Косово и индивидуално помилување, нивното постоење не значи дека правосилните пресуди автоматски ќе бидат изменети.

За конечните одлуки, законот предвидува користење вонредни правни лекови и почитување на уставните стандарди. Секоја можна правна последица, сепак, ќе мора да биде во согласност со Уставот и меѓународните обврски на Косово.

е-Трн да боцка во твојот инбокс