„Мета“ претстави нови ВИ-модели: Ќе им конкурира на „ОпенАИ“ и „Антропик“

Американската технолошка компанија „Мета“ претстави два нови модели на вештачка интелигенција (ВИ), „Мјуз Вондер“ (Muse Wonder) и „Мјуз Вондер Фул“ (Muse Wonder Full), за кои тврди дека можат да се натпреваруваат со најнапредните системи на компаниите „ОпенАИ“ (OpenAI) и „Антропик“ (Anthropic).

Со овој потег „Мета“ се обидува да ја зајакне својата позиција во глобалната трка за развој на вештачката интелигенција, во која технолошките компании вложуваат сè повеќе ресурси во создавање системи што можат да извршуваат сложени задачи, а не само да одговараат на прашања и да генерираат содржини, пренесува Ројтерс.

Од „Мета“ соопштија дека новите модели се наменети за задачи што ВИ може да ги извршува во име на корисниците. Меѓу нив се работата со правни и финансиски документи, толкувањето договори, решавањето проблеми поврзани со осигурувањето и развојот на софтвер.

Со новите модели компанијата се позиционира во сегментот на ВИ-алатки наменети за посложена професионална работа, во кој конкуренцијата меѓу водечките технолошки компании станува сè поинтензивна.

Сепак, тврдењата дека моделите можат да им конкурираат на најнапредните системи на „ОпенАИ“ и „Антропик“ се на компанијата, а во објавената информација не се наведени независни тестови или детални резултати со кои би можеле да се споредат нивните перформанси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс