ICE му ја исполни желбата: Милo Јанопулос лично ќе ја почувствува депортацијата

Британскиот десничар со години бараше апсења, проверки и итни депортации на мигранти. Американските власти конечно го послушаа… и го уапсија него.

Мило Јанопулос долго време ја рекламираше суровата американска имиграциска политика како лек за сите проблеми. Бараше контролни пунктови на ICE во супермаркети и итна депортација за секој што нема да докаже дека законски престојува во САД.

Сега ќе има можност лично да провери како функционира системот.

Американската Служба за имиграција и царина го уапси 41-годишниот британски десничарски провокатор на меѓународниот аеродром „Луис Армстронг“ во Њу Орлеанс. Според Министерството за внатрешна безбедност, Јанопулос останал во земјата по истекот на дозволениот престој и ќе биде задржан до депортацијата.

Со други зборови, политичката програма му стигна на домашна адреса.

Влегол законски, останал незаконски

Јанопулос законски влегол во САД во мај 2019 година, но го пречекорил дозволениот престој. Во јули годинава имиграциски судија издал конечен налог за негово отстранување од земјата, откако тој не се појавил на закажаното судско рочиште.

Американските власти соопштија дека „избрал да остане подолго од дозволеното, спротивно на законите на земјата“.

Тоа е токму типот реченица што Јанопулос веројатно со задоволство би ја споделил на социјалните мрежи – доколку се однесуваше на некој друг.

Сега е во притвор на ICE и чека депортација во Велика Британија. Неговиот имиграциски статус, се чини, не бил заштитен со доволно гласни говори против мигрантите.

фотографија на DHS

ICE ги прифати неговите идеи

Јанопулос со години бараше построги имиграциски мерки и му даваше поддршка на апаратот за масовни депортации. Предлагаше агенти на ICE да поставуваат контролни пунктови во јавни простори, вклучително и во супермаркети, а лицата кои веднаш нема да докажат законски престој да бидат депортирани.

Системот очигледно ја запомнил препораката.

Неговиот случај е речиси учебнички пример за политичката култура во која државната репресија изгледа прекрасно додека е насочена кон соседот. Лисиците, притворот и депортацијата звучат како „ред и закон“ од телевизиско студио. Од аеродромската просторија за задржување, слоганот добива малку поинаков тон.

Пријавен од сопствениот политички круг

Дополнителна доза иронија во приказната внесе десничарската активистка Лора Лумер. Таа тврди дека лично го пријавила Јанопулос кај ICE и ФБИ, по нивната долготрајна јавна расправија. Нејзиното тврдење засега не е независно потврдено.

Доколку е точно, десничарската солидарност повторно се покажала цврста колку мокра хартиена кеса: денес заедно барате депортации, утре едниот го пријавува другиот за депортација.

Јанопулос претходно работеше за крајнодесничарскиот медиум „Брајтбарт“, беше практикант кај поранешната конгресменка Марџори Тејлор Грин и соработуваше со раперот Је, поранешно познат како Канје Вест. Неговата јавна кариера се градеше врз провокации, навреди и барања државата да биде побрутална кон луѓето што ги сметаше за непожелни.

Овојпат државата се согласи со него околу една работа: некој треба да си замине.

е-Трн да боцка во твојот инбокс