Над 150 загинати, 600 исчезнати во Непал: Поплавите носат куќи, спасувачите трагаат по преживеани

Разорни поплави и лизгање на земјиштето погодија повеќе делови од Непал, а властите стравуваат дека бројот на жртвите ќе продолжи да расте.

Најмалку 157 лица загинаа, а околу 600 се водат како исчезнати во разорните поплави и лизгања на земјиштето што го погодија Непал. Локалната полиција потврди дека бројот на пронајдени тела расте, додека спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по исчезнатите.

Снимките од погодените подрачја покажуваат надојдени води кои носат автомобили, куќи и други објекти, а на повеќе места лизгањата на земјиштето ги блокирале патиштата и го отежнале пристапот на спасувачите.

Најмногу жртви досега се регистрирани во округот Читван, каде се пронајдени 64 тела. Во Дадинг се потврдени 27 смртни случаи, во Навалпараси Исток 22, а во Горка 19. Уште 13 лица загинале во Нувакот, девет во Танахун и три во Расува. Четириесет и девет лица се хоспитализирани поради повреди.

Во погодените области се испратени повеќе од 3.300 полицајци, кои учествуваат во спасувачките операции и потрагата по исчезнатите.

Во група верници има 77 исчезнати

Меѓу исчезнатите се и најмалку 77 членови на група верници предводена од индискиот духовник Џагадиш Васудев, познат како Садгуру. Групата се враќала од поклонение на планината Каилаш во Тибет и во моментот на поплавите се наоѓала во близина на граничниот премин Ѓиронг меѓу Кина и Непал. Садгуру објави дека засега нема официјални информации за тоа каде се наоѓаат членовите на групата.

„Нема официјални информации во канцеларијата за имиграција за тоа каде се наоѓаат луѓето. Соработуваме со властите за да се обидеме да стигнеме до тоа место и сме подготвени да учествуваме во спасувањето, без оглед на ризикот“, напиша тој.

Каилаш се смета за света планина во хиндуизмот, будизмот, џаинизмот и тибетската религија Бон. Бројот на жртвите и исчезнатите сè уште не е конечен, бидејќи спасувачките екипи продолжуваат да пристигнуваат во најтешко погодените области. Властите очекуваат билансот да се менува во следните часови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс