Нетфликс го презема Мундијалот 2030 во Шпанија, дел од натпреварите ќе останат бесплатни

Откупот на правата за СП 2030 е првиот голем договор на компанијата Нетфликс за машко Светско првенство во фудбал

Нетфликс ги обезбеди ексклузивните права за пренос на Светското фудбалско првенство во 2030 година во Шпанија и Андора. Платформата на 13 октомври соопшти дека ќе ги емитува во живо сите 104 натпревари од турнирот.

Шпанија, која ја освои светската титула во 2026 година, ќе биде еден од домаќините на следниот Мундијал, заедно со Португалија и Мароко. Првенството ќе ја одбележи стогодишнината од првиот светски шампионат, а по еден натпревар во чест на јубилејот ќе се одигра во Уругвај, Аргентина и Парагвај.

Договорот предвидува и бесплатни преноси за публиката во Шпанија. По еден натпревар во секој натпреварувачки ден ќе биде достапен бесплатно, а пакетот за национален телевизиски емитер ќе ги опфати сите дуели на шпанската репрезентација, двете полуфиналиња и финалето. Партнерот за овие преноси ќе биде објавен поблиску до почетокот на првенството.

Покрај натпреварите, Нетфликс најави емисии пред и по дуелите, анализи на полувреме и дневни прегледи. Финансиската вредност на договорот не е објавена, пренесе „Асошиејтед прес“.


Ова е првиот голем договор на Нетфликс за машко Светско првенство. Платформата претходно обезбеди права и за женските Мундијали во 2027 и 2031 година на северноамериканскиот пазар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс