Околу 10.800 ученици запишани во прва година во средните стручни училишта се првата генерација што ќе учи според модернизирани наставни програми, во кои се интегрирани СТЕМ-компетенции, зелени и дигитални вештини.
Реформата во стручното образование предвидува учениците покрај стручните знаења да стекнуваат и компетенции кои се поврзани со технолошките промени, зелената транзиција и потребите на современиот пазар на труд.
За спроведување на новите програми се обучени 569 наставници, а подготвени се и нови материјали за учење. Министерството за образование и наука наведува дека дополнително е зајакната соработката со приватниот сектор. Целта е учениците да стекнат повеќе практични знаења и вештини што ќе им помогнат полесно да се приспособат на промените во професиите и технологијата.
Што ќе учат учениците?
Промените се однесуваат на различни стручни области. Учениците од економските струки, на пример, ќе изучуваат модели на зелени бизниси и одржливи иновации. Во угостителско-туристичките струки ќе се изучуваат начини за намалување на отпадот од храна и примена на одржливи практики. Зелените и дигиталните компетенции ќе бидат интегрирани и во останатите стручни области, со што учениците треба да добијат пошироки знаења применливи во различни професии.
Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, модернизирањето на стручното образование треба да им овозможи на младите да стекнат вештини неопходни за нивниот професионален развој, а на компаниите да им обезбеди кадар подготвен за иновации и новите барања на пазарот. Новите наставни програми треба да го поттикнат и развојот на техничкото знаење, решавањето проблеми, иновативноста и способноста на учениците да се приспособуваат на промените.