ЈП Паркинзи на Општина Центар со помош на специјалните пајак-возила отстранија 135 непрописно паркирани возила во периодот од 5 до 11 октомври. Интервенциите беа насочени кон автомобили што го попречуваа нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот низ општинските улици и јавни површини.
Непрописно паркираните возила на пешачките патеки, тротоарите и коловозните ленти остануваат секојдневен проблем во најфреквентната скопска општина. Од јавното претпријатие најавуваат дека oтстранувањето на возилата ќе продолжи секојдневно на целата територија на Општина Центар. Целта на засилените контроли е да се подигне сообраќајната свест кај возачите и да се гарантира безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Од претпријатието посочуваат дека само казните и дигањето со пајак не можат целосно да го решат сообраќајниот хаос без промена на навиките на самите граѓани.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура“, наведуваат од ЈП ПОЦ.
