Евакуирани патници на летот од Њујорк за Израел по анонимна закана за бомба

Авионот на „Делта ерлајнс“ веднаш беше изолиран на аеродромот Бен Гурион, а специјалните служби потврдија дека тревогата била лажна.
Фото: N509FZ, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Патниците на авионот на американската компанија „Делта ерлајнс“, кој летал од Њујорк кон Тел Авив, утрово беа итно евакуирани веднаш по слетувањето на израелскиот аеродром Бен Гурион поради анонимна закана за бомба. Службите за безбедност веднаш ги активираа протоколите за вонредни состојби и го преместија воздухопловот на безбедна локација за детална проверка.

Според првичната пријава, во леталото наводно имало поставено експлозивна направа. Екипажот и надлежните служби реагираа според строгите безбедносни процедури: патниците веднаш беа спроведени во зградата на терминалот, а авионот беше насочен кон оддалечен и изолиран дел од пистата.

Специјализирани тимови со часови го пребаруваа багажот и патничката кабина. Израелските власти набрзо потврдија дека во ниту еден момент немало непосредна опасност за патниците и дека при деталниот преглед не е пронајдено ништо сомнително.

Првичните безбедносни процени, како што објавија локалните медиуми повикувајќи се на полициски извори, уште на почетокот упатуваа на лажна дојава. По завршувањето на антитерористичкиот преглед, сомнежите беа отфрлени.


„Инцидентот заврши без какви било сомнителни наоди. Сообраќајот на аеродромот се одвива редовно и целосно се врати во нормала“, соопшти израелската Управа за аеродроми.

е-Трн да боцка во твојот инбокс