Постуден бран од северен правец носи драстична промена на времето во следните неколку дена, со засилен северен ветер, локални врнежи од дожд и прв повремен снег на повисоките планински врвови. Според метеоролошките најави, нестабилното и постудено време со силни воздушни струења ќе се задржи сè до петок, по што за време на претстојниот викенд се очекува разведрување и постепено смирување на атмосферата.
Времето во среда ќе биде променливо облачно и значително посвежо. Главната карактеристика за денот е засилениот до силен ветер од северен правец, чија брзина на одделни места ќе надминува 60 километри на час.
Во Скопската Котлина се очекува слично време, со променлива облачност и умерен до повремено засилен северен ветер.
Четврток носи привремено смирување на атмосферата. Денот ќе биде сончев со мала до умерена облачност. Утринските температури ќе се спуштат во интервал од 2 до 9 степени, додека максималните дневни ќе достигнат меѓу 14 и 21 степен. Долж Повардарието ќе продолжи да дува умерен до засилен ветер, овој пат од северозападен правец.
Веќе во петок следува ново наоблачување и нов пад на дневните температури, кои ќе се движат од 11 до 18 степени. Времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежите повторно ќе преминат во снег. Ќе дува умерен до засилен северозападен ветер, повторно најизразен долж Повардарието.
За време на викендот временските прилики ќе се стабилизираат. Во сабота ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност и слаб до умерен северозападен ветер.
Утринските температури во сабота ќе бидат ниски и ќе се движат од 4 до 10 степени, додека максималната дневна температура ќе достигне меѓу 12 и 20 степени.
