Ерин Пјаченти, 32-годишна потпретседателка на „Bank of America“, им подлегна на повредите во болница откако вчера беше избодена со нож на плоштадот Тајмс сквер во Њујорк. Нападот се случил на отворено кога вооружена жена со два ножа неочекувано нападнала двајца минувачи, по што полициски службеници интервенирале на местото на настанот и ја застрелале осомничената.
Според извештаите на њујоршката полиција, 49-годишната Памела Сиснерос извадила два ножа и без претходен повод ги нападнала 32-годишната Пјаченти и уште еден 68-годишен маж. Пјаченти се здобила со смртоносни убодни рани во пределот на стомакот.
Полициските службеници пристигнале на местото и четири минути преговарале со напаѓачката, барајќи од неа да го спушти оружјето.
„Таа им рече на полицајците: ’Нема ништо да спуштам, попрво ќе ве убијам.‘ Потоа повтори: ’Ќе ве убијам‘“, изјави полициската комесарка Џесика Тиш.
Откако Сиснерос тргнала кон полицајците со ножевите, повеќе службеници отвориле оган и ја усмртиле на самото место.
Ерин Пјаченти работеше како потпретседателка задолжена за избор на деловни партнери и управување со конфликт на интереси во финансиската корпорација.
„Шокирани сме и длабоко ожалостени од трагичната загуба на нашата колешка. Таа беше ценет член на нашиот тим и многу ќе ни недостига. Нашите мисли се со нејзиното семејство и нејзините блиски“, соопшти американската банка за новинската агенција „Ројтерс“.
За нејзината смрт првично извести новинската агенција „Блумберг“, откако лекарските екипи не успеаја да ја спасат во болницата каде што беше итно пренесена по нападот.