Пожар ја зафатил најстарата покриена пазарница во Париз, „Де Анфан Руж“, која се наоѓа во третиот арондисман, во центарот на француската престолнина. Според градоначалникот и пожарникарите, пазарницата е целосно уништена во огнот што избувнал во текот на ноќта.
Пожарот избувнал околу три часот по полноќ, а на местото веднаш биле испратени пожарникарски и спасувачки екипи. Просторот околу пазарницата бил обезбеден, додека службите интервенирале за да го стават огнот под контрола, објави француската телевизија Бе-Еф-Ем.
Градоначалникот на третиот париски арондисман, Ариел Веј, изјавил дека пожарот е ставен под контрола, но потврдил дека пазарницата е „целосно уништена“.
„Де Анфан Руж“ е историска пазарница и препознатливо место во Париз. Засега во објавениот извештај нема информации за причините за пожарот, ниту за евентуални повредени лица.