Шумски пожари избувнаа во турските провинции Мугла, Анталија и Дијарбакир. Огнената стихија, поттикната од силниот ветер, се шири низ шумски и земјоделски подрачја, а во гаснењето се вклучени стотици луѓе и десетици летала. Пожарот најпрво избувнал на земјоделско подрачје во близина на селото Корубуку, во округот Сејдикемер во провинцијата Мугла. Поради силниот ветер, огнот се проширил кон шумско подрачје и во правец на округот Каш во соседната провинција Анталија.
Генералната дирекција за шумарство испратила четири авиони, 15 хеликоптери, 72 цистерни за вода, шест градежни машини и околу 450 лица на терен за борба против пожарот.
Пожар избувна и кај Каш
Шумски пожар избувнал и во шумското подрачје на населбата Гелемиш, во округот Каш. Причината за пожарот засега не е утврдена. На терен биле испратени шест хеликоптери, четири авиони, 10 противпожарни возила, четири возила за снабдување со вода, три возила за итни интервенции и 80 припадници на Регионалната дирекција за шумарство на Анталија.
Во округот Фетије во Мугла, екипите продолжуваат со гаснење и ладење на теренот откако пожарот во населбата Карагедик бил ставен под контрола. Снимките од воздух покажуваат дека дел од шумското подрачје зафатено од пожарот е целосно поцрнето.
Огнот стигна и до Дијарбакир
Пожар избувнал и во руралното подрачје Учбасамак, во округот Силван во провинцијата Дијарбакир. Под влијание на силниот ветер, огнот од ниската вегетација и грмушките се проширил кон шумско подрачје.
Надлежните служби продолжуваат со интервенциите од воздух и од земја, додека силниот ветер и сувата вегетација дополнително го отежнуваат гаснењето.