„Превидувања“ – изложба за женското тело, невидливиот труд и правото на сигурност

На 15 октомври, во 20:00 часот, во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности – Педагошка во Скопје, ќе биде отворена изложбата „Превидувања“

На 15 октомври, во 20:00 часот, во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности – Педагошка во Скопје, ќе биде отворена изложбата „Превидувања“, на која учествуваат уметниците Соња Ставрова Кирковски, Ивана Секулоска и Ана В’чкова, под кураторство на Тијана-Ана Спасовска.

Преку три различни уметнички практики, уметниците ги отвораат прашањата за женското тело како политички простор, невидливиот женски труд и правото на сигурност. Изложбата преиспитува општествените очекувања што ги обликуваат женските тела, однесувањето и идентитетите, како и начините на кои родовите норми се пренесуваат, повторуваат и постепено се интернализираат, сè додека не почнеме да ги доживуваме како сопствени избори.

Што значи да се живее во женско тело во свет што веќе одлучил како тоа тело треба да изгледа, што треба да прави и колку простор смее да зазема? Што значи да се порасне како девојка во општество што нуди еден правилен калап за што значи да се биде жена, иако ниту една од нас, не може, ниту треба, целосно да се вклопи во него?

Овие прашања се појдовна точка на изложбата „Превидувања“, која ги поврзува телесното искуство, домашниот и виртуелниот простор, визуелната култура и општествените претстави за женственоста. Делата ги истражуваат механизмите преку кои се распределуваат трудот и одговорностите, се поставуваат границите на слободата и се одредува како се гледаат жените и што се очекува од нив. Во фокусот се и искуствата што остануваат незабележани или потиснати зад навидум вообичаените слики на семејството, домот, интимните релации, убавината и секојдневието.

„Превидувања“ се движи меѓу видливото и невидливото, претставата и искуството, изложеноста и засолништето. Изложбата не ги третира овие прашања како индивидуални проблеми или лични неуспеси, туку ги поставува во поширок општествен контекст, отворајќи простор за препознавање на структурите што ги обликуваат нашите животи.

Во свет што постојано нè поттикнува да се споредуваме, да се натпреваруваме и сопствените разлики да ги доживуваме како недостатоци, женската солидарност и соработка стануваат форми на отпор. Тие овозможуваат личните сомнежи и искуства да се препознаат како дел од пошироки општествени односи, а не како изолирани индивидуални состојби. Проблемот не е во нашата неспособност да се вклопиме, туку во калапот што ни е наметнат.

Изложбата „Превидувања“ ги повикува посетителите заеднички да ги преиспитаат нормите што го обликуваат женското искуство и да размислат за можностите за создавање посигурни, поинклузивни и посолидарни простори на живеење.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Благодарност до Факултетот за ликовни уметности за отстапувањето на изложбениот простор.

БИОГРАФИИ

Соња Ставрова Кирковски

Соња Ставрова Кирковски (1992) е родена во Кавадарци, а живее и работи во Скопје. Магистрирала фотографија на Катедрата за фотографија при Меѓународниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје, а претходно дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Во својата уметничка практика ја користи фотографијата како медиум за истражување на општествените прашања и современите глобални и локални случувања. Нејзината работа се одликува со концептуален и симболички пристап кон фотографијата, преку кој секојдневните предмети и препознатливите визуелни мотиви ги трансформира во критички коментари за општествените норми, личните искуства и современите општествени противречности.

Нејзините самостојни изложби ги вклучуваат „Glitches“ (Скопје, 2025), „Portrait of King Alcohol“ (Скопје, 2023), „King [of] Alcohol“ (Скопје и Кавадарци, 2022) и онлајн изложбата „26/6“ (Подиум Јадро, 2021). Нејзината прва самостојна изложба, „Censorship“, била претставена во Националната галерија – Мала станица во Скопје, а подоцна и во Културниот центар „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци.

Ивана Секулоска

Ивана Секулоска е мултидисциплинарна уметница, дизајнерка и креативна директорка од Северна Македонија. Нејзината практика опфаќа визуелна уметност, графика, сценографија, костимографија, моден дизајн, накит, објекти и просторни инсталации. Таа работи преку интердисциплинарен пристап, материјално истражување и експериментирање со различни медиуми, техники и визуелни јазици.

Нејзините уметнички интереси се насочени кон трансформацијата, телесноста, идентитетот, меморијата и односот меѓу објектот, просторот и наративот. Преку цртеж, графика, асемблаж, рачна изработка и просторни интервенции, Секулоска развива уметнички концепти што ги поврзуваат визуелното истражување, дизајнот и сценскиот израз. Во нејзината практика се застапени и реупотребата на материјали, изработката на накит и модни додатоци, како и истражувањето на костимот во сценски и перформативен контекст.

Покрај уметничката и дизајнерската работа, Секулоска се занимава и со космографија, како дел од пошироките истражувања на визуелните системи, симболиката и концептуализацијата на светови. Нејзините интереси ги опфаќаат и митологијата, природните науки, ботаниката, парфимеријата, движењето, материјалната култура и визуелното раскажување, кои придонесуваат кон нејзиниот истражувачки и интердисциплинарен пристап.

Ана В’чкова

Ана В’чкова (1998) е дипломирана визуелна уметница на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот сликарство, модул сценографија.

Нејзината уметничка практика опфаќа различни медиуми, меѓу кои сликарството, фотографијата, графичкиот дизајн и видеото. Надминувајќи ги границите на една дисциплина, В’чкова истражува можности за комбинирање различни техники, текстури и визуелни јазици. Овој хибриден пристап е основа на нејзините креативни истражувања и ѝ овозможува да развива суптилни и автентични наративи.

Нејзините дела ја истражуваат динамичната врска меѓу медиумот и пораката, настојувајќи да воспостават непосредна и трајна поврзаност со гледачот. Преку интегрирање традиционални визуелни форми и современи дигитални процеси, таа ги преиспитува воспоставените уметнички конвенции и начините на гледање. Нејзината практика се темели на сфаќањето дека формата и содржината се неразделни и дека постојано заемно се обликуваат.

Тијана-Ана Спасовска 

Тијана-Ана Спасовска е историчарка на уметноста и координаторка на проекти и програма во организацијата Контрапункт и на фестивалот КРИК – фестивал за критичка култура. Студирала на програмата UNESCO Chair in Cultural Policy and Management при Универзитетот во Белград, а била дел и од програмата GIOCA – програма за иновации и организација на културата и уметностите, при Универзитетот во Болоња.

Од 2019 до 2021 година била членка на Управниот одбор на Кооператива – регионална платформа за култура, а од 2021 до 2024 година членка на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Во периодот 2024–2026 година е членка на Управниот одбор на Јадро – Асоцијација на независната културна сцена.


Нејзините професионални и истражувачки интереси се насочени кон критичката култура и теорија, современите кураторски практики, развојот на публика и начините на кои уметноста и културата можат да придонесат кон демократизацијата на општеството и создавањето инклузивни јавни простори. Особено ја интересираат феминистичките и партиципативните уметнички практики, критиката на општествените односи на моќ, културните пејзажи, екологијата и политиките на грижа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс