Инвестирале 40.000 долари во AI токени за откривање ранливост во Chrome, Google им плати 250.000

Безбедносни истражувачи на XBOW со модел на OpenAI пробија целосен заштитен синџир во прелистувачот и добија награда од 250 илјади долари.

Истражувачката компанија XBOW доби награда од 250.000 долари од Google, откако со помош на вештачка интелигенција проби целосен безбедносен синџир во прелистувачот Chrome. За откривањето на сериозната ранливост тимот искористи модел GPT-5.6, при што потроши околу 40.000 долари за процесирање токени. Целата операција траеше шест дена, по што пропустот веднаш беше пријавен и саниран.

Тимот на безбедносната компанија XBOW одлучи да го тестира потенцијалот на напредните автономни агенти директно врз еден од најзаштитените софтверски системи во светот. Наместо класично рачно барање грешки во кодот, истражувачите ја насочија вештачката интелигенција кон комплексниот код на Google Chrome.

За реализација на експериментот беа потрошени 40.000 долари исклучиво за пресметковна моќ и токени преку системот GPT-5.6. Агентите непрекинато анализираа илјадници линии код, барајќи мемориски пропусти и начини за нивно комбинирање. По шест дена континуирана работа, автоматизираниот систем состави целосен функционален напад (full-chain exploit). Добиената награда од 250.000 долари ја покри инвестицијата за повеќе од шест пати.

Заштитната архитектура на Chrome е изградена во повеќе слоеви. Напаѓачот не смее само да најде грешка во рендерирањето на веб-страницата, туку мора да го пробие и строгиот безбедносен „песок“ (sandbox) што го изолира прелистувачот од оперативниот систем.

Моделот успеа да открие почетна ранливост, а потоа самостојно конструираше втор чекор со кој излезе надвор од заштитната изолација. Ваквиот синџир овозможуваше потенцијално извршување на произволен код на уредот на жртвата. Пропустот зафаќал повеќе од една милијарда корисници ширум светот, што ја прави оваа демонстрација една од најсериозните досега изведени со помош на генеративни модели.

Google со години води програма за наградување на безбедносни истражувачи (Bug Bounty), но сумата од 250.000 долари се доделува исклучително ретко и претставува максимална премија за ваков тип пропусти. Инженерите на технолошкиот гигант ја потврдија тежината на наодот, го затворија безбедносниот јаз и ја исплатија наградата пред информациите да станат јавни.


Случајот наметнува нова реалност во дигиталната одбрана. Институциите и компаниите, вклучително и оние во помалите системи мора да разберат дека алатките за напад стануваат автоматизирани и достапни за секој што може да плати за машинско време.

е-Трн да боцка во твојот инбокс