Со драмско-куклената претстава „Која е Лорет“ на Театарот за деца и младинци, вчера, 13 октомври, во Скопје беше отворено петтото издание на фестивалот „Игор Маџиров“. Претставата на домаќинот е дел од придружната програма и не се натпреварува за фестивалските награди.
До 17 октомври публиката ќе може да проследи 11 претстави на сцените на Театарот за деца и младинци, Македонскиот народен театар и Драмскиот театар.
Денешната програма, на 14 октомври, ги носи „Пинокио“ на Народниот театар од Битола, во 11 часот на големата сцена на МНТ, и „Стара планина“ на Театарот за деца и млади од Крагуевац, во 17 часот на малата сцена на МНТ. Вечерва, во 19:30 часот, во Театарот за деца и младинци гостува „Со балон над Кападокија“ на Детскиот театар „Бранко Михаљевиќ“ од Осијек.
Во натпреварувачката програма се осум претстави. Покрај денешните три, за наградите конкурираат „Слатки зборови“ од Риека, „Лемба“ од Малага, „Пилотот и Малиот принц“ од Острава, „Црвенкапа“ од Нови Сад и „Дрвјанковци“ од Чаковец.
Селекторката Катарина Илиевска-Силјановска ја составила програмата со фокус на претстави што ги поттикнуваат детската интелигенција и фантазија. Различноста, разбирањето и борбите со кои се соочуваат децата и младите се меѓу темите што ги отвораат годинешните продукции.
Фестивалот ќе заврши на 17 октомври со „Дрвјанковци“ и доделувањето на наградите. Свој избор за најдобра претстава ќе направи и детското жири.
