Американската служба за имиграција набавува роботски кучиња за теренски операции

Американското Министерство за внатрешна безбедност планира да вложи до два милиони долари во роботите SPOT на Boston Dynamics за увид во опасни зони.
Фото: Saggittarius A, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Американската служба за имиграција и царина (ICE) планира да набави роботски кучиња за извидување на опасни подрачја и далечинска проценка на ризик на терен. Според планот за набавка што го објави Министерството за внатрешна безбедност на САД (DHS), агенцијата планира купување на роботите SPOT од компанијата Boston Dynamics и придружна опрема во вредност меѓу еден и два милиони долари, објави Newsweek.

Тендерската постапка за набавка на четириножните роботи официјално треба да биде објавена на 4 септември. Документацијата наведува дека овие системи ќе овозможат далечинска инспекција, проценка на закани и увид во состојбата на теренот пред службениците да влезат во просторот.

„Оваа технологија ја зголемува безбедноста на службениците, помага во донесувањето одлуки на терен и ја подобрува способноста на министерството да реагира во опасни, тесни, нестабилни или тешко достапни подрачја“, се наведува во официјалниот план на DHS.

Главната намена на роботите е намалување на физичкиот ризик за полициските службеници при акции на локации со висока опасност или непозната конфигурација. Наместо директно изложување на персоналот, роботите први влегуваат во објектите или непристапните терени за да испратат податоци во реално време.

Сепак, во јавно достапниот документ не е прецизирано дали роботските кучиња ќе се користат и при директни операции за спроведување на законите за имиграција и депортации.

Вклучувањето на вакви роботизирани системи во полициски и царински структури веќе подолго време предизвикува дебати околу нивото на автоматизација во безбедносниот сектор. Додека институциите инсистираат на аргументот за заштита на животите на своите припадници, граѓанските здруженија бараат јасни протоколи за да се спречи надзор врз цивили и прекумерна употреба на сила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс