Зошто вирусот на големите сипаници сè уште се чува во лаборатории?

Иако големите сипаници се искоренети во светот уште во 1980 година, примероци од вирусот вариола и понатаму се чуваат во две високо обезбедени лаборатории. Причината е научно истражување, развој на нови антивирусни лекови и вакцини, како и подобрување на тестовите за откривање на вирусот.
Screenshot

Големите сипаници некогаш биле една од најсмртоносните заразни болести со кои се соочило човештвото. Се проценува дека само во текот на 20 век болеста убила околу 300 милиони луѓе ширум светот.

Благодарение на глобалната кампања за вакцинација, големите сипаници биле искоренети, а во 1980 година Светската здравствена организација официјално прогласила дека болеста е искоренета. Со тоа, големите сипаници станале единствената човечка заразна болест целосно искоренета на глобално ниво.

Сепак, вирусот не исчезнал целосно од лабораториите. Живи примероци се чуваат замрзнати во високобезбедносни државни лаборатории во САД и Русија. Бидејќи се чуваат на многу ниски температури, примероците остануваат биолошки активни и потенцијално инфективни доколку се одмрзнат под соодветни услови.

Токму тоа отвора едно од најдолгите прашања во глобалното јавно здравство: ако болеста е искоренета, зошто сè уште го чуваме вирусот што ја предизвикува?

Зошто научниците сакаат вирусот да остане?

Еден од главните аргументи е научното истражување. Дел од научниците сметаат дека живите примероци можат да помогнат подобро да се разбере развојот на вирусот, неговото однесување и начинот на кој реагира човечкиот имунолошки систем.

Таквите истражувања би можеле да помогнат и во развојот или подобрувањето на вакцини, лекови и дијагностички методи.

Слична причина постои и за чувањето примероци од други опасни патогени. Американскиот Центар за контрола и превенција на болести и Британската агенција за здравствена безбедност чуваат примероци од различни микроорганизми за научни и здравствени цели.

Но, кај вирусот на големите сипаници аргументот е многу посложен бидејќи болеста повеќе не циркулира природно меѓу луѓето.

Дали навистина се потребни живи примероци?

Оние што се залагаат за уништување на преостанатите залихи сметаат дека науката веќе располага со огромно количество информации за вирусот.

Неговата геномска секвенца е позната, а научниците со децении ги проучуваат неговите карактеристики. Според ова гледиште, идните истражувања можат да се спроведуваат без потреба од чување жив вирус.

Дополнителен аргумент е тоа што самото постоење на примероци носи ризик, колку и да се строгите безбедносните мерки.

Во 2014 година беа пронајдени заборавени примероци

Колку вакви ризици можат да бидат непредвидливи покажа случајот од 2014 година во САД.

Во една лабораторија во Мериленд биле пронајдени шест заборавени шишенца со лиофилизиран вирус на големи сипаници. Примероците потекнувале од 1950 тите години и биле откриени децении откако биле оставени во лабораториски простор.

Случајот повторно го актуелизирал прашањето дали можеби постојат и други непознати примероци на вирусот.

Ако такви залихи постојат, тие би можеле да претставуваат ризик од случајно изложување или, во најлош случај, од намерна злоупотреба.

Зошто ризикот денес би бил особено сериозен?

Голем дел од денешното население повеќе не е вакцинирано против големи сипаници, бидејќи вакцинацијата престанала откако болеста била искоренета.

Тоа значи дека евентуално повторно појавување на вирусот би се случило во свет во кој голем дел од населението нема активна заштита од него.

Од друга страна, заговорниците за уништување на залихите посочуваат дека денес постојат вакцини и научни технологии што овозможуваат производство на заштита и без трајно чување на живиот вирус.

СЗО со децении ја одложува одлуката

Дебатата за тоа што да се направи со последните залихи трае повеќе од четири децении.

Светската здравствена организација во повеќе наврати разгледувала дали преостанатите примероци треба да бидат уништени, но одлуката постојано била одложувана.

Преглед нарачан од СЗО во 2010 година заклучил дека залихите на вирусот на големи сипаници немаат клучна улога во заштитата на јавното здравје.

Сепак, прашањето останува отворено. Од една страна стои можноста живите примероци да имаат ограничена, но потенцијално значајна научна вредност. Од друга страна е ризикот што произлегува од фактот дека вирусот на болест што одамна е искоренета сè уште постои во лабораториски замрзнувачи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс