Русија со масовен ракетен напад врз Киев: Најмалку тројца загинати, десетици повредени

Руски балистички ракети погодиле станбена зграда и енергетски објекти во украинската престолнина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека земјата не добила навремено предупредување од сојузниците за лансирањето на проектилите.
Уништување по руски напад врз Киев декември 2025
Киев, Украина, 27 декември 2025 г. | Фото: ДСНС на Киев

Русија извршила масовен напад со балистички ракети врз Киев, при што загинале најмалку три лица, а 22 се повредени, објавува украинскиот медиум „Киев индепендент“. Во нападот биле погодени станбена зграда и повеќе енергетски објекти во украинската престолнина, а дел од станбената населба претрпел сериозни оштетувања.

Првите експлозии се слушнале доцна навечер. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопштил дека руски проектил погодил деветкатница во Десњанскиот округ и предизвикал голем пожар. Во тој напад загинале најмалку две лица, а 21 биле повредени, од кои 16 биле хоспитализирани, а четворица биле во тешка состојба.

Погодени и енергетски објекти

Нов бран напади следувал меѓу 4:45 и 6:45 часот наутро, кога во градот се слушнале повеќе од десет експлозии. Околу 5:30 часот биле забележани краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија.

По нападите, Кличко соопштил дека уште едно лице било хоспитализирано во Дарницкиот округ, а едно лице загинало во Холосивскиот округ. Неименуван претставник од енергетскиот сектор потврдил дека цел биле неколку електрани, додека градоначалникот навел дека биле погодени повеќе енергетски објекти. Засега нема официјална детална процена на причинетата штета.

Украинската Државна служба за вонредни ситуации соопштила дека во Киев биле оштетени и една деловна зграда, семејна куќа и напуштен објект. Сирени за воздушна опасност се огласиле и во делови од областите Лавов, Волин и Ивано-Франкивск, во западниот дел на земјата.

Жител на Киев, Максим, раскажал дека со партнерката прво се засолниле во ходникот на зградата, а потоа се упатиле кон засолниште откако експлозија во близина ги искршила прозорците во нивниот дом. „Сè се случи многу брзо. Не ни сфативме што се случува“, изјавил тој.

Зеленски: Не добивме навремено предупредување за ракетите

Украинските власти тврдат дека земјата не добила рано предупредување од сојузниците за лансирањето на проектилите. Советникот на претседателот, Дмитро Литвин, изјавил дека сојузниците втор ден по ред не испратиле предупредување за ракетните лансирања.

Подоцна, претседателот Володимир Зеленски потврдил дека Украина не добила таква информација. Според него, украинскиот систем ги открил проектилите дури кога тие се приближувале кон Киев. Зеленски навел дека меѓу целите биле киевска термоцентрала и станбена зграда.

Украинските воздухопловни сили потврдиле дека Русија лансирала балистички ракети кон престолнината. Во нивното соопштение се наведува дека немало добиени информации од партнерите за лансирањата од руска територија ниту на 12 ниту на 13 октомври.

Во нападот на 12 октомври, според податоците на градскиот здравствен оддел, биле повредени 12 лица, меѓу кои и 17-годишник, објави хрватскиот медиум „Индекс“.

Трамп бара Украина да престане со нападите врз руските нафтени постројки

Нападите врз украинската енергетска инфраструктура следуваат само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп побара од Украина да престане да ги напаѓа руските нафтени постројки. Трамп изјавил дека таквите напади придонесуваат за растот на цените на нафтата, кои веќе се под притисок поради американската војна во Иран.

Зеленски одговорил дека е подготвен да прифати енергетско примирје доколку Русија престане со нападите врз украинската енергетска мрежа.

На 11 октомври, неименувани извори соопштиле дека администрацијата на Трамп упатила предупредувања до високи украински воени и владини претставници, со можност за повлекување на американската поддршка доколку Украина продолжи со нападите врз руските рафинерии.

„Ги повикаа сите клучни воени претставници и им се закануваа. Велат дека ќе ја прекинат размената на разузнавачки информации и програмата ПУРЛ“, изјавил украински претставник.


Последниот напад врз Киев повторно ја стави во фокус ранливоста на украинската енергетска инфраструктура и цивилните населби, додека дипломатските несогласувања околу воената поддршка и нападите врз енергетските постројки дополнително ја усложнуваат ситуацијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс