Во тек е постапка за разрешување на Арбен Шаќири од функцијата директор на Младинскиот културен центар во Скопје, дознава ТРН од неофицијални извори.
Информациите говорат дека одлуката за прекин на неговиот мандат е веќе поведена низ надлежните градски механизми, додека изворите засега одбиваат да шпекулираат за името на кадровското решение што ќе застане на чело на институцијата.
Процедурата за прекин на раководниот мандат на Шаќири доаѓа по период исполнет со остри критики од независната културна сцена и јавни реакции околу начинот на менаџирање со Младинскиот културен центар. Изворите посочуваат дека процесот за негово заминување е веќе отпочнат, но не откриваат детали за тоа кој би ја презел раководната улога во периодот што следи.
Проблемите не започнаа преку ноќ. Во периодот од 2019 до 2025 година, МКЦ претрпе драстично намалување на програмските средства од Град Скопје. Наместо развој, буџетот за основните културни содржини беше сведен на историски минимум, што директно го загрози опстанокот на долгогодишните меѓународни фестивали.
Намалувањето на парите значеше и губење на просторна и програмска независност. Клучни настани кои со децении го градеа урбаниот идентитет на градот останаа без редовна поддршка, а установата почна да губи чекор со современите европски културни практики.
Назначувањето на Шаќири уште на самиот почеток предизвика револт и отпор кај вработените, уметниците и младинската заедница. Тогашната одлука на градската власт беше протолкувана како политички дил на сметка на стручноста и програмскиот интегритет. Наместо дијалог со независната сцена, следеше период на кадровски прераспределби, притисоци и раскинување на соработките со креативците кои беа столб на продукцијата.
Културниот центар, наместо автономен простор за критичка мисла и уметничка слобода, се претвори во институција заглавена во административни блокади и меѓусебни обвинувања. Галериите, кино салите и концертните простори сè почесто остануваа празни или исполнети со комерцијални содржини без јасна кураторска визија.
Информациите од терен говорат дека процесот за разрешување е во напредна фаза, но прашањето за идниот профил на раководството останува целосно отворено. Изворите на ТРН не сакаат да лицитираат со конкретни имиња пред официјализирање на одлуката.
Следниот чекор на Град Скопје ќе биде показател дали институцијата ќе се врати кон вистинските темели преку стручен и независен кадар, или ќе продолжи праксата на партиско управување која го доведе МКЦ до работ на опстанокот.
Трн испрати прашања за оваа тема до мејловите на МКЦ и градоначалникот на Град Скопје. По добивањето на одговорите веднаш ќе ја информираме јавноста