Светот една секунда поблиску до судниот ден, сега сме на 89 секунди од „полноќ“

Научниците и глобалните лидери во вторникот открија дека „Часовникот на судниот ден“ е ресетиран на најблиску до самоуништување на човештвото.
Фото: Bulletin of the Atomic Scientists

За прв пат по три години, Билтенот на атомските научници го помести метафоричниот часовник за една секунда на 89 секунди пред полноќ, теоретска ознака за судниот ден.

„Одлуката на научниот и безбедносниот одбор на Билтенот на атомски научници е дека светот не постигна доволен напредок во однос на егзистенцијалните ризици кои му се закануваат на целото човештво. Поради тоа го поместивме часовникот нанапред“ изјави Даниел Холц, претседател на бордот за наука и безбедност на организацијата за време на соопштувањето на новото време на часовникот.

„При поставување на часовникот поблиску до полноќ, ние испраќаме остар сигнал“, рече Холц. „Бидејќи светот е веќе опасно поблиску до пропаст, секое движење кон полноќ треба да се сфати како показател за екстремна опасност и непогрешливо предупредување. Секоја секунда доцнење во враќањето на курсот ја зголемува веројатноста за глобална катастрофа“.

Во последните две години, часовникот остана на 90 секунди до полноќ, а научниците како причина ја наведоа тековната војна во Украина и зголемувањето на ризикот од нуклеарна ескалација.

Меѓу причините за поместување на часовникот за една секунда поблиску до полноќ, вели Холц, се натамошното зголемување на нуклеарниот ризик, климатските промени, биолошките закани и напредокот во технологии како вештачката интелигенција.

„Во меѓувреме, договорите за контрола на оружјето се распаднати и има активни конфликти во кои се вклучени нуклеарните сили. Обидот на светот да се справи со климатските промени останува несоодветен бидејќи повеќето влади не успеваат да донесат финансиски и политички иницијативи неопходни за запирање на глобалното затоплување“, рече Холц, истакнувајќи дека 2024 година беше најжешката година забележана на планетата.

„Напредокот во низа нарушувачки технологии, вклучително биотехнологијата, вештачката интелигенција и во вселената, далеку ги надмина политиката, регулативата и темелното разбирање на нивните последици“, рече Холц.

Холц рече дека сите опасности што влегоа во одлуката на организацијата да го рекалибрира часовникот се влошени од она што тој го опиша како „моќен мултипликатор на закани“: Ширењето на дезинформации,  теории на заговор „кои го деградираат екосистемот на комуникација и сè повеќе ја заматуваат линијата помеѓу вистината и лагата“.

Што е часовникот на судниот ден?

Часовникот на Судниот ден беше дизајниран да биде графичко предупредување за јавноста за тоа колку човештвото е блиску до уништување на светот со потенцијално опасни технологии.

Часовникот е основан во 1947 година од Алберт Ајнштајн, директорот на проектот Менхетен, Роберт Опенхајмер и научниците од Универзитетот во Чикаго кои помогнаа во развојот на првото атомско оружје како дел од проектот Менхетен. Создаден помалку од две години откако САД ги фрлија атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки, Јапонија, за време на Втората светска војна, часовникот првично беше поставен на седум минути пред полноќ.

Во текот на изминатите седум децении, часовникот се прилагодуваше напред и назад повеќе пати. Најдалеку од катаклизмичниот полноќен час часовникот беше на 17 минути во 1991 година, откако беше оживеан Договорот за ограничување на стратешкото оружје и тогашниот претседател Џорџ Х. Буш и советскиот претседател Михаил Горбачов најавија намалување на нуклеарниот арсенал на нивните земји.

Во изминатите 77 години, Bulletin of the Atomic Scientists, непрофитна медиумска организација составена од светски лидери и нобеловци, објави колку блиску верува дека светот е до колапс поради нуклеарната војна, климатските промени и, неодамнешната пандемија на КОВИД-19.

е-Трн да боцка во твојот инбокс