Уапсен напаѓачот што пукаше на забава во Швајцарија, убиената е 22 годишна Италијанка

Пукањето се случило во раните утрински часови во недела, околу 2:30 часот наутро, веднаш по завршувањето на техно забавата

Швајцарската полиција уапси 43-годишен маж осомничен за пукање на рејв забава во Арау , каде што минатиот викенд беше убиена 22-годишна Италијанка, а пет лица беа повредени. Апсењето следува по масовната потера по инцидентот на хиподромот Шахен. Жртвата е идентификувана како Марија Спинели.

Пукањето се случило во раните утрински часови во недела, околу 2:30 часот наутро, веднаш по завршувањето на техно забавата „Aarau Rave VOL. 7“. Според сведоците кои изјавиле за швајцарскиот весник Blick, посетителите првично помислиле дека станува збор за огномет. Паниката избувнала дури кога некој извикал: „Сите на подот!“

Еден сведок изјави за „Блик“ дека се обидел да ја реанимира жената, која крварела од прострелна рана, но не успеал. Полицијата подоцна потврди дека таа починала на местото на настанот. Другите пет повредени лица, четири мажи и една жена, сите на возраст меѓу 24 и 27 години, биле однесени во болница. Нивните повреди се движеле од полесни до сериозни, а сите живеат во Швајцарија.

Истрага и апсење

По пукањето во Арау, главниот град на северниот швајцарски кантон Аргау, полицијата започна голема операција. Во соопштението се наведува дека претресот резултирал со апсење.

„Како дел од претресот, во понеделник, 31 август 2026 година, кратко пред 1 часот наутро, беше приведен 43-годишен швајцарски државјанин. Мажот потоа беше уапсен под сомнение за сторено кривично дело“, соопшти полицијата. Тие додадоа дека во моментов се верува дека сторителот дејствувал сам.

Полицијата, исто така, соопшти дека истрагата за точниот редослед на настаните, позадината на злосторството и можниот мотив е сè уште во тек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс