Основното училиште „Лазо Ангеловски“ уредува ново урбано катче со хортикултурно уредување на улицата „Тоше Проески“ во скопско Ново Лисиче. Одбележувањето на 19-годишнината од сообраќајната несреќа во која загина Тоше Проески ќе се одржи на 16 октомври 2026 година во 16 часот, со учество на ученици, наставници, родители и домашни музичари.
Уредувањето на просторот се реализира под пораката „Добрината не престанува – таа расте“. Иницијативата потекнува од училиштето, наставничкиот кадар и родителите, а во катчето се засадени девет дрвја како симбол на врската меѓу новите генерации и вредностите што ги остави Проески.
Програмата ќе започне во училишниот двор со прошетката „Чекори на добрината“. Учениците ќе носат пораки посветени на љубовта, пријателството и хуманоста, по што ќе следува официјалното отворање на паркчето.
Централниот дел од настанот ќе се одржи кај фонтаната со ликот на Проески на Детската улица. Училишниот хор и оркестарот на ООУ „Лазо Ангеловски“ ќе ја изведат песната „За овој свет“, а најавени се обраќања од претставници на училиштето, Општина Аеродром и заедницата на родители.
Во музичкиот дел ќе настапат Next Time, Ламбе Алабакоски, Филип Божиновски, Владимир Поповски, Тамара Волчевска, Мими Јовановска, Бојана Арсовска, The Crew, Дамјан Димевски и Ангела Влинтовска. На сцената ќе им се придружат и младите изведувачи Михаил Милошевски, Јосиф Коштримовски, Билјана Ивановска, Андреј Цаневски, Нела Манчевска, Лара Митевска, Бјанка Џорџиана Дуца и Агнеа Русомаровска.
Настанот се реализира со поддршка од Општина Аеродром, ЈУ „Универзална сала“ Скопје и агенцијата „Lions in Move“, како и локални субјекти од заедницата. Организаторите упатија отворен повик до жителите на населбата и граѓаните на Скопје да се приклучат на собирот.
