Над 90.000 работоспособни граѓани во Македонија се водат како невработени, додека повеќе од 101.000 лица работат неформално, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Стапката на невработеност во второто тримесечје од 2026 година изнесува 11,3 отсто, што е намалување за 1,5 процентни поени на годишно ниво. Сепак, невработеноста и натаму е значително повисока во споредба со земјите од Европската Унија.
Особено внимание привлекува растот на неформалната вработеност. Според ДЗС, во второто тримесечје од годинава 101.022 лица биле неформално вработени, што е 7,2 отсто повеќе во однос на претходното тримесечје.
Најголем број неформално вработени има во земјоделството, шумарството и рибарството – 51.487 лица, односно 51 отсто од вкупната неформална вработеност. Во градежништвото се концентрирани уште 17,2 отсто од неформално вработените.
Од ДЗС посочуваат дека сезонските активности во земјоделството и градежништвото имаат значително влијание врз кварталните промени на неформалната вработеност. Истовремено, на пазарот на трудот има над 10.000 слободни работни места, што укажува на несоодветност меѓу понудата и побарувачката на работна сила.
Економистите ваквата состојба ја поврзуваат со структурни слабости на македонската економија, недостиг на соодветни квалификации и потребата од дополнителна обука и преквалификација на дел од работниците.