Уште еден пациент почина како последица на западно-нилска треска, со што бројот на смртни случаи во Македонија се искачи на шест, соопштија денеска здравствените власти. Станува збор за 72-годишен маж од општина Аеродром, кој пред 15 дена бил хоспитализиран со тешка клиничка слика.
Во Македонија во последната недела е регистриран значителен пораст на бројот на заболени. Досега се евидентирани 53 случаи, од кои 50 се лабораториски потврдени, додека за три случаи се очекуваат резултатите од дополнителните тестирања.
18 пациенти се хоспитализирани
На Клиниката за инфективни болести во Скопје во моментов се хоспитализирани 18 пациенти заболени од западно-нилска треска. Најмладиот пациент има 26 години и, според здравствените власти, е во добра состојба.
Сепак, состојбата кај дел од пациентите е сериозна. Петмина се на Интензивна нега, со тешка клиничка слика, а сите се повозрасни лица. Западно-нилската треска е вирусно заболување кое најчесто се пренесува преку каснување од заразени комарци. Повеќето заразени лица немаат или имаат благи симптоми, но кај мал дел од пациентите инфекцијата може да предизвика сериозно невролошко заболување.