Западнонилска треска откриена кај две угинати птици: Над 100 пријави за само четири дена

Западнонилска треска е потврдена кај две угинати птици во Скопје и Ресен. АХВ примила над 100 пријави за угинати птици за четири дена.

Западнонилска треска е лабораториски потврдена кај две угинати птици во Македонија, едната пронајдена во Скопје, а другата во Ресен, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). По потврдените случаи, АХВ го засилува надзорот на терен и дополнително зема примероци од птици за лабораториски испитувања низ целата држава. Во периодот од 24 до 27 август, Агенцијата примила повеќе од 100 пријави од граѓани за пронајдени угинати птици.

Од АХВ, сепак, појаснуваат дека не секоја угината птица е погодна за лабораториско тестирање за присуство на вирусот на Западнонилска треска.

Се тестираат домашни и диви птици

Засилениот надзор се спроведува паралелно со активностите за следење на авијарната инфлуенца, односно птичјиот грип. Се земаат примероци од различни видови домашна живина, меѓу кои кокошки, мисирки, бисерки, фазани, еребици, потполошки и ноеви, но и од диви птици. Меѓу нив се гуски, патки, лебеди, штркови, чапји, соколи, галеби, страчки, бувови, корморани и јастреби.

АХВ потсетува дека пасивниот надзор се спроведува во текот на целата година преку пријавување на сомнителни клинички знаци и угината живина, водни и диви птици.

Што да направат граѓаните ако најдат угината птица?

Од АХВ апелираат граѓаните да пријават доколку забележат поголем број угинати птици на едно подрачје за краток период, особено гаврани или други диви преселни птици. Од Агенцијата нагласуваат дека појавата на една угината птица во урбана средина не треба да создава непотребна паника.

Во Скопје, угинатите птици се подигнуваат во соработка со Секторот за општи и комунални дејности на Град Скопје. Доколку примерокот е соодветен, се врши лабораториско тестирање, а потоа безбедно отстранување на птицата и дезинфекција на местото.

Засилен надзор и кај живината

АХВ ги повикува одгледувачите на живина да ги почитуваат мерките за биосигурност, да го ограничат контактот меѓу домашната живина и дивите птици и навремено да пријават зголемена или невообичаена смртност. Западнонилската треска најчесто се пренесува преку каснување од заразени комарци, а птиците се важен дел од природниот циклус на вирусот.

Од АХВ велат дека навремениот надзор, лабораториското тестирање и брзото пријавување на сомнителни случаи овозможуваат навремено преземање мерки за заштита на здравјето на животните и јавното здравје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс