Вчера во Прилеп со изведба на „Црно злато“ во режијана Белградско драмско заврши јубилејното, 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – најзначајната театарска манифестација во земјава, која шест децении е простор каде се мерат, преиспитуваат и слават најважните остварувања на македонската сцена.
Претставата, која низ препознатливиот драмски ракопис на Дуковски отвора прашања за моќта, алчноста, општествените конфликти и човечката цена на профитот, понуди силно и провокативно театарско доживување. Со ова гостување, фестивалот уште еднаш ја потврди својата заложба да ги поврзува македонската драматургија и современите регионални театарски текови, токму во годината кога посебен фокус беше ставен на творештвото на Дуковски.
Фестивалот и годинава повторно го претвори Прилеп во центар на театарскиот живот, носејќи претстави од повеќе театри, разговори со уметници, дебати за состојбата на сцената и јасна порака дека театарот мора да продолжи да ризикува, да поставува прашања и да отвора теми што ја засегаат публиката.
Главната награда за најдобра претстава ја доби „Страв и надеж“ на Македонскиот народен театар, во режија на Борис Лијешевиќ. Претставата беше препознаена како едно од најсилните остварувања во официјалната програма на фестивалот. Најмногу признанија годинава освои претставата „Црнила“ на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, која доби пет награди и беше една од најзабележаните продукции на фестивалот.
Со доделувањето на наградите беше заокружено јубилејното издание на „Војдан Чернодрински“, фестивал кој веќе 60 години ја чува меморијата на македонскиот театар, но истовремено ја отвора сцената за нови генерации, нови читања и похрабри театарски јазици.