Организирана група крадци за само четири минути го ограби Археолошкиот музеј во шпанскиот град Вилјена, однесувајќи го поголемиот дел од познатото „Богатство од Вилјена“. Оваа колекција од бронзеното доба, стара околу три илјади години, содржи повеќе од 50 уникатни предмети, главно изработени од злато. Локалните власти потврдија дека акцијата била изведена рано наутро со исклучителна брзина и прецизност.
Алармот во градскиот музеј се огласил точно во 5:20 часот наутро. Само четири минути подоцна, во 5:24 часот, крадците веќе го напуштиле објектот и побегнале. Според Мануел Пинеда, заменик-претставник на шпанската влада во Аликанте, ограбувачите пристигнале со неколку возила и најверојатно влегле преку еден од прозорците.
Градската управа соопшти дека безбедносниот систем функционирал беспрекорно и дека немало институционален пропуст. Полицијата во моментов истражува дали алармот што се активирал во локалниот спортски центар непосредно пред упадот бил намерна диверзија за одвлекување на патролите.
Градоначалникот на Вилјена, Фулхенсио Сердан, изјави дека градот е во шок по загубата на најзначајниот дел од своето културно наследство.
„Однесоа поголем дел од богатството. Потполно сме скршени, ова нè уништува“, изјави Сердан за медиумите.
Украдената колекција вклучува 29 златни нараквици, 11 садови, три шишиња и други артефакти од сребро, железо и килибар. Сите предмети датираат од околу 1000 година пред нашата ера. Локалниот археолог Хосе Марија Солер ги открил закопани во суво речно корито во 1963 година. Само материјалната вредност на златото се проценува на околу 1,7 милиони евра, додека историската вредност е непроценлива.
Овој грабеж се надоврзува на низа инциденти во културни институции низ Европа. Минатиот октомври од парискиот музеј Лувр беа украдени скапоцености вредни 88 милиони евра за помалку од осум минути.
Минатата недела италијанските власти пријавија кражба на четири ренесансни слики на Антонело да Месина од музеј во Сицилија. Италијанската полиција деновиве успеа да пронајде и украдени дела од Реноар, Сезан и Матис вредни 10,4 милиони долари, претходно одземени од фондацијата „Мањани-Рока“ кај Парма.