Новите звучници на CMF, брендот создаден од „Натинг“, изгледаат како картонски пакувања за млеко, но во нив се сместени безжично поврзување, батерија и можност за заедничка репродукција на музика. Моделите „Спикер С“ и „Спикер М“, претставени на 12 октомври, се првите преносливи блутут-звучници на брендот.
Нивната препознатлива геометриска форма има и практични детали: помалиот модел има кука за прикачување, а поголемиот вградена рачка. Предните панели се отстрануваат, што овозможува промена на изгледот.
Двата звучници на CMF се разликуваат по големина и моќност
„Спикер С“ тежи 334 грама и има излезна моќност од 10 вати. Опремен е со звучничка единица од 45 милиметри и два пасивни радијатори за ниските тонови.
Поголемиот „Спикер М“ тежи 602 грама и има вкупна моќност од 35 вати. Користи одделни единици за ниски и високи тонови, со моќност од 25 и 10 вати.
Двата модела имаат физичко тркалце за јачината на звукот, паузирање и менување песни. Дополнителното приспособување на звукот се прави преку апликацијата „Натинг Икс“.
Музика од телефон и лаптоп без повторно поврзување
Звучниците поддржуваат блутут 6.0 и истовремено поврзување со два уреда. Тоа овозможува префрлување меѓу телефон и лаптоп без повторно спарување. Имаат и репродукција преку приклучокот УСБ-Ц.
Два звучника од ист модел може да се поврзат за стереозвук. Преку технологијата „Ауракаст“ може да се вклучат и други компатибилни звучници за истовремено пуштање музика.
Производителот наведува до 18 часа работа со едно полнење, измерени при јачина на звукот од 50 проценти и вклучена функција за засилен бас. Реалното траење зависи од користењето. Двата модела имаат и заштита од прашина и вода со ознака ИП68.
