45 години „Црвениот коњ“ – проекција во Кинотека на Македонија

„Црвениот коњ“ остави значаен белег како во македонската и југословенската кинематографија, така и на филмските фестивали

Во петок, 16 октомври, во 20:00 часот, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи проекција на „Црвениот коњ“ (1981), значаен македонски игран филм во режија на Столе Попов, во продукција на „Вардар филм“.

Снимен според истоимениот роман на Ташко Георгиевски, филмот ја раскажува драматичната судбина на македонските политички бегалци по Граѓанската војна во Грција. Во центарот на приказната е Борис Тушев, борец кој, заедно со своите сонародници, се соочува со прогонството, неизвесноста и тешкотијата да се зачува сопствениот идентитет далеку од родниот крај. Преку личната судбина на главниот лик, филмот отвора прашања за слободата, припадноста и цената на историските превирања.

Во главните улоги настапуваат Велимир-Бата Живоиновиќ, Илија Џувалековски, Данчо Чевревски, Мето Јовановски, Коле Ангеловски, Радмила Живковиќ и Ристо Шишков. Сценариото е на Ташко Георгиевски, со соработка на Столе Попов. Филмот е препознатлив по својата историска тематика и силните актерски остварувања.

Во 1981 година, на Фестивалот на југословенскиот игран филм во Пула, Властимир Гаврик ја освои „Златната арена“ за сценографија. Во 1982 година, Столе Попов доби признанија за режијата на ФЕСТ во Белград, како и на фестивалите во Лос Анџелес и Сан Франциско.

Филмот е дел од македонското филмско наследство што заслужува повторно да се гледа на големото платно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс