Што вели Си-Ен-Ен за Скопје?

Скопје е град во кој различни историски периоди и архитектонски стилови се среќаваат на секој чекор.

Од југословенскиот брутализам и османлиското наследство до модерните кафулиња, џез-фестивалите и природата на дофат на рака – Скопје доби посебно место во туристичката репортажа на американскиот Си-Ен-Ен за Македонија.

Скопје е град во кој различни историски периоди и архитектонски стилови се среќаваат на секој чекор. Токму оваа необична мешавина го привлекла вниманието на американскиот медиум Си-ен-ен, кој во опширна репортажа за Македонија го претставува главниот град како интересна европска дестинација со богата култура, жив урбан ритам и природа во непосредна близина.

Во текстот на авторот Сај Неф, првично објавен во декември 2025 година, а ажуриран на 9 октомври 2026 година, Скопје е прикажан како град чиј идентитет се градел низ повеќе историски епохи.

Посебно внимание е посветено на архитектурата што го обликувала градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Обновата со меѓународна помош оставила силен белег врз неговиот изглед, а денес во Скопје се испреплетуваат југословенскиот брутализам, османлиската архитектура и поновите неокласични градби.

Старата чаршија и кафулињата – лицето на Скопје што го забележал Си-ен-ен

Еден од највпечатливите делови на Скопје, според репортажата, е Старата скопска чаршија.

Американскиот медиум ја претставува како лавиринт од тесни улички во кои традицијата и современиот градски живот постојано се преплетуваат. Меѓу старите дуќани, антиквитетите и традиционалните производи, посетителите откриваат мали барови, кафулиња и места кои ја зачувале автентичната атмосфера на градот.

Но, она што особено го привлекло вниманието на авторот е културата на пиење кафе.

Си-ен-ен забележува дека скопските кафулиња се исполнети со луѓе од раните утрински часови до доцна навечер. Во нив традиционалното турско кафе го дели просторот со современите трендови, вклучувајќи ги и популарните пијалаци како мача лате.

Токму оваа комбинација го претставува Скопје како град во кој старите навики не исчезнуваат со доаѓањето на новите генерации, туку продолжуваат да живеат паралелно со модерниот урбан стил.

Од џез и филмски фестивали до Водно и Матка

Иако Скопје не припаѓа на европските метрополи со милионско население, Си-ен-ен ја издвојува неговата богата културна понуда.

Посебно се споменуваат џезот, филмските и музичките фестивали, кои придонесуваат за динамичниот културен живот на градот.

Она што дополнително го прави Скопје привлечно за странските посетители е можноста градското искуство лесно да се комбинира со престој во природа.

Меѓу препораките на американскиот медиум се возењето со жичницата до Милениумскиот крст на Водно и посетата на кањонот Матка.

Матка е претставена како место каде што туристите можат да возат кајак, да истражуваат пештери и да уживаат во планинските пејзажи, без да мораат да патуваат далеку од главниот град.

Македонија како европска дестинација без масовен туристички метеж

Позитивната слика за Скопје е дел од пошироката репортажа во која Си-ен-ен ја претставува Македонија како една од помалку откриените туристички дестинации во Јужна Европа.

Американскиот медиум ги издвојува Охрид, Маврово, Шар Планина, Галичица, македонската традиционална кујна, вината и гостопримството.

Главната предност што ја нагласува авторот е можноста посетителите да доживеат автентична локална култура без туристичкиот метеж што е карактеристичен за многу попознати европски дестинации.

Во таа приказна Скопје има посебно место – не како град со униформна архитектура и однапред подготвена туристичка слика, туку како престолнина со контрасти, историја, живи улици и сопствен карактер.

Токму во тие контрасти, според описот во репортажата, се препознава неговата привлечност за посетителите што бараат поинакво европско искуство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс