Дубаи доби прв аеродром за летечки такси

Новиот терминал е наменет за електрични eVTOL летала, а првите комерцијални летови се очекуваат уште годинава.

Дубаи направи нов чекор кон иднината на градскиот превоз, го сертифицираше првиот вертипорт во светот изграден специјално за комерцијални летечки такси. Првите патници би можеле да полетаат уште годинава.

Објектот, наречен VDX, ја доби официјалната сертификација од Генералната управа за цивилно воздухопловство на Обединетите Арапски Емирати. Со тоа, проектот преминува од демонстрациска фаза кон инфраструктура подготвена за реални комерцијални летови.

За разлика од класичните аеродроми, вертипортите немаат потреба од долги писти. Тие се наменети за eVTOL летала, електрични летала кои можат вертикално да полетуваат и слетуваат.

Од аеродромот до Палм Џумеира за 10 минути

VDX се наоѓа во близина на меѓународниот аеродром во Дубаи, а проектот го развива Skyports во соработка со градските транспортни власти. Терминалот има четири нивоа и околу 3.100 квадратни метри, со зони за полетување и слетување, инфраструктура за брзо полнење на електричните летала и простор за патници.

Кога ќе започне комерцијалното работење, вертипортот би требало да може да опслужува до 170.000 патници годишно. Една од најатрактивните рути ќе биде поврзувањето на аеродромот со Палм Џумеира, за кое се најавува патување од само околу 10 минути.

Не се хеликоптери

Летечките такси не се класични хеликоптери. eVTOL леталата користат електрични мотори и батерии, а вертикалното полетување им овозможува да функционираат од релативно мали површини.

Дополнителна предност би требало да биде и значително помалата бучава во споредба со хеликоптерите, што е особено важно за летови над густо населени урбани подрачја.Летовите ќе ги реализира американската компанија Joby Aviation, која повеќе од 15 години развива електрични летала со вертикално полетување.

Компанијата во 2024 година доби ексклузивно право во период од шест години да обезбедува услуги со летечки такси во Дубаи.

Дубаи ја тестира технологијата со години

Идејата за летечки такси во Дубаи не е нова. Градот уште долго се подготвува за ваков тип превоз, а првиот тест-лет на летечко такси во Дубаи беше изведен во 2017 година. Леталото на Joby е дизајнирано за еден пилот и до четири патници, а според наведените податоци може да достигне брзина од околу 320 километри на час.

Ако плановите се реализираат, Дубаи би можел да биде меѓу првите градови во светот каде летечките такси од експериментална технологија ќе станат дел од секојдневниот јавен превоз.

е-Трн да боцка во твојот инбокс