Расте бројот на млади со карцином: Подобрена дијагностика или реален глобален скок?

Меѓународни анализи бележат зголемена стапка кај лица под 50 години, додека лекарите ги истражуваат навиките во исхраната и раниот скрининг.

Бројот на новодијагностицирани случаи на рак кај популацијата помлада од 50 години бележи нагорен тренд во повеќе региони во светот, покажуваат меѓународните здравствени анализи. Додека глобалните научни институти проверуваат дали станува збор за реален пораст на заболени или за попрецизно рано откривање преку модерната дијагностика, статистичките регистри издвојуваат шест вида карцином со повисока зачестеност кај помладите генерации, меѓу кои водечко место зазема ракот на дебелото црево.

Податоците на Меѓународниот фонд за истражување на ракот (WCRF), кој ги анализираше националните регистри во Англија, САД и Холандија, укажуваат на поместување на возрасната граница. Во Англија во 2001 година рак на дебелото црево добивало приближно едно лице помладо од 50 години на секои 26.000 жители. До 2023 година тој сооднос се искачи на околу еден случај на 12.000 жители.

Во Англија е забележан раст на нови случаи кај вкупно седум малигни заболувања. Епидемиолозите сепак нагласуваат дека основната бројка во апсолутни рамки сè уште е ниска.

„Рaкот е и понатаму многу редок меѓу младите луѓе. Дури и кога мал број ќе го зголемите тројно, тој сè уште останува мал“, посочува д-р Ејми Берингтон де Гонсалес од Институтот за истражување на ракот во Лондон.

Анализа на медицински регистри од 42 земји, која го опфаќа периодот од 2003 до 2017 година, покажува забрзан раст на шест специфични видови рак кај возрасната група од 20 до 49 години. На оваа листа се наоѓаат карциномот на штитатната жлезда, ракот на дојка, ракот на дебелото црево, ракот на бубрезите, ракот на матката и одредени форми на леукемија.

Кај речиси сите овие дијагнози истовремен раст бележат и постарите возрасни групи, но колоректалниот карцином покажува поинаков тек. Во околу една третина од анализираните држави, растот на ова заболување кај младите се одвива побрзо отколку кај постарите. Научните тимови забележуваат дека кај постарите пациенти стапките во одредени земји дури бележат и стагнација или благо намалување, што го прави трендот кај помладите посебен фокус на истражување.

Студија од 2025 година што опфати 50 земји и територии регистрираше зголемување на колоректалниот карцином кај помладите во вкупно 27 региони. Меѓу нив се издвојуваат земјите од Латинска Америка како Чиле, со годишен раст од речиси четири проценти, како и Аргентина, Еквадор, Костарика и Порторико.

Истражувачите сè уште немаат единствен одговор дали бројките се резултат на подобра свест и понапредна апаратура или на реално влошување на општата здравствена слика.

Американските студии за ракот на панкреасот кај лица меѓу 15 и 39 години откриваат дека речиси целиот раст произлегува од тумори дијагностицирани во најрана фаза, додека стапката на смртност останала непроменета. Тоа ја поткрепува тезата за поквалитетна дијагностика.

Кај ракот на дебелото црево, пак, се забележува пораст и на поодминати стадиуми на болеста. Тој податок исклучува само подобар скрининг и потврдува дека се зголемува и самиот број на заболени.

Светската здравствена организација и Меѓународната агенција за истражување на ракот ја дефинираат дебелината како потврден фактор на ризик за најмалку 13 различни видови рак. Научен преглед од 2021 година покажа дека младите возрасни со зголемена телесна тежина имаат речиси двојно поголем ризик да развијат колоректален карцином пред да наполнат 50 години.

Паралелно со овие показатели, глобалната стапка на дебелина кај возрасните се удвои од 1990-тите до денес, додека кај адолесцентите порасна за четири пати. Професорот по епидемиологија на карцином на Империјал колеџ во Лондон, Марк Гантер, предупредува на влијанието на западниот стил на живот, недоволната физичка активност и индустриски преработената храна.


Преработеното месо и алкохолот се евидентирани ризици, додека внесот на растителни влакна делува заштитно. Влијанието на ултрапреработената храна и микропластиката сè уште е во фаза на научни испитувања без конечни заклучоци. Препораките на епидемиолозите се фокусираат на повеќе секојдневно движење, поголем внес на свежо овошје и зеленчук и одржување здрава телесна тежина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс